На отоврањето и во текот на првиот викенд од поставената изложба е забележана голема посетеност која циркулираше непрестано, соопшти Националната галерија за одѕивот на јавноста за мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ во галеријата Чифте амам.

Откако беше национален претставник на 59. Венециско биенале 2022, проектот „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) на уметниците Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски првпат е претставен пред македонската публика и ќе може да се види од 30 март до 30 април.

Проектот „Landscape Experience“ на Мотеска и Јанкулоски претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор на нашата земја на Биеналето во Венеција, што претставува гордост, но секако и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики, соопшти Националната галерија.

Д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија / Фото: Маја Аргакијева

Директорката Дита Старова Ќерими на отворањето на изложбата истакна дека преку успешноста на овие претставувања, кои на авторите им донесоа нови меѓународни соработки, се потврдува и местото на Националната галерија како една од водечките институции во земјава во областа на визуелните уметности.

Галеријата соопшти дека на 8 април авторите Јанкулоски/Мотеска и кураторката Ана Франговска ќе ги водат посетителите низ изложбата во Чифте амам.

Повелете заедно да го пронајдеме одговорот на прашањето: Што значи да се постави ранетиот пејзаж како архива на историски повреди и како оваа поетика на просторно сведочење функционира како начин на геополитичка критика?, соопшти Националната галерија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.