Разговор со Игор Анѓелков, авторот на „Двојна експозиција“, книга на месец април во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“. Разговорот со Анѓелков е дел од активностите на кампањата „Читаме современи македонски автори“.

„Двојна експозиција“ е збирка од дванаесет раскази поделени по два во шест циклуси: Невиност, Љубов, Бизар, Афион, Статус, Смрт.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

– Збирката раскази „Двојна експозиција“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 29 април, информираат од Градската библиотека во Скопје.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на медиуми и комуникации на Правниот факултет при УКИМ во Скопје. Активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, а во последниве петнаесет години, како ко-сопственик и уредник во издавачката куќа „Или-Или“.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“, која Градската библиотека во Скопје ја започна во септември минатата година, по завршувањето на првиот циклус во мај, ќе продолжи во септември со нови осум наслови од исто толку домашни автори.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.