Вчерашниот трет ден на фестивалот на европска литература „BookStar“, во организација на издавачката куќа „Антолог“, кој воедно беше и последен за годинашното осмо издание, беше исклучително богат со содржини. Во одлична атмосфера и преполна сала се одржа книжевното читање „Храбри нови зборови“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ на кое настапија сите годинашни странски учесници: Ирса Сигурдардотир (Исланд), Петар Денчев (Бугарија), Богдан-Александар Станеску (Романија), Кристина Гавран (Хрватска), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка), како и исто толкав бро домашни: Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска, Жарко Кујунџиски и Ана Голејшка Џикова. По предавањето на тема „Активистичка литература“ на хрватскиот писател Игор Штикс и поткастот „Гол ручек“ со Душко Крстевски и Даина Ополскаите од Литванија, следуваше кино проекција на филмот „Петтиот брод“ (2017) во режија на Ивета Грофова, работен по истоимениот роман на една од гостинките, Моника Компаникова од Словачка. Веднаш потоа се одржа и разговор насловен „Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“ со авторките Надја Теранова (Италија) и Моника Компаникова (Словачка), кој го водеа Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски.

Публиката масовно го посетуваше „BookStar“ 2022 а нејзината реакција беше дека ова е најуспешното фестивалско издание досега кое донесе сосема нов програмски и концепциски пристап кон тоа што значи книжевен фестивал од европско и светско рамниште, што Скопје и Македонија го заслужуваат.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Градот Скопје, книжевната мрежа Традуки, Европската Унија, Такси Глобал а одделни настани и од Исландскиот фонд за култура, Европската награда за литература, Романскиот институт за култура, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Амбасадите на Италија, Словачка и на Романија во Република Македонија. Фестивалската програма се одвиваше во Младинскиот културен центар, а дел од настаните и во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје и во КСЦ Центар – Јадро. Медиумски покровител на настанот беше Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет беше коавторство на Деница Стојкоска и Стефан Танков. Фестивалското видео го изработи Ѓорѓе Јовановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.