Моника Компаникова (1979) е една од најзначајните писателки на современата словачка литература. Своите први раскази ги објавува на страниците на книжевните списанија и антологии. Авторка е на четири романи, како и на пет книги за деца. За романот „Петтиот брод“ ја има добиено најпрестижната книжевна награда во Словачка, „Анасофт литера“, а прогласен е и за најдобра книга за 2010 година.

– „Петтиот брод“ е напишан по вистински трагичен настан, самоубиство на 11-годишно момче, што лично многу тешко го доживеав, а особено откако и јас станав мајка. Иако како и секоја мајка сакав да бидам најдобра, стравот дека можеби ќе кажам или направам нешто што би довело до нешто трагично, не ме напушташе. Токму тој страв беше и првата инспирација за романот – рече Компаникова.

За филмот, кој беше претходно прикажан во киното „Фросина“, рече дека многу ѝ се допаѓа и дека автентично ја пренесува атмосферата од нејзиниот роман, но дека сепак е посебно уметничко дело.

Надја Теранова (1978), италијанска писателка и преведувачка, дипломирала филозофија на Универзитетот во Месина, а докторирала на тема од областа на современата историја на Универзитетот во Катанија. Во 2003 се преселува во Рим каде што почнува да објавува книги за деца, како и осврти посветени на детската литература. Таа во Скопје зборуваше за книгата „Збогум сеништа“, преведен на македонски во издание на „Антолог“, по кој во Италија се игра и театарска претстава, а бил финалист и за наградата „Стрега“. Романот зборува за нарушен однос на мајка и ќерка.

– И јас и мајка ми немаме хармоничен однос, но сè повеќе учиме како да го надминеме конфликтот. Така, знаеме кога седиме во иста соба да се игнорираме – рече Теранова.

Таа зборуваше и за статусот на жените писатели во Италија и кажа дека сè уште не е надминат родовиот јаз, а дека тоа најмногу се гледа меѓу добитниците на престижната италијанска награда „Стрега“, која главно ја добиваат мажи.

– Во последниве дваесет години наградата ја добиле само три жени. Жените сè уште се на маргините на историјата, но мислам дека оттаму и подобро и подалеку гледаат. Затоа и се поинтересни за читање. Имаме системски пробем, кога тој ќе биде решен, на овие конкурси за награди ќе победи најдобрата книга – рече Теранова.

Компаникова посочи дека ситуацијата била слична и во Словачка, но дека во последно време женските гласови стануваат многу гласни, па така, во последниве десетина година односот на жени и мажи писатели е шест спрема четири во корист на жените.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.