Во рамки на мултимедијалната изложба „CAN for Balkans“ во трговскиот центар „Кореси“ во Брашов, Романија, првпат е претставен македонскиот стрип.

Изложени се фрагменти од стрипови на Љубомир Филиповски, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано и Дарко Богданов, вели стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип.

Освен како селектор на македонскиот дел од овој сегмент, Стеванов воедно е автор и на студијата за македонските историски стрипови, извадоци од која се искористени за текстуална експликација и контекстуализација на изложените стрип-табли што се на теми од богатата македонска национална историја.

На предлог на Стеванов, како најемблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола, кој на изложбата е поставен на посебно пано, отпечатено во реална величина. Се работи за фиктивен лик, протагонист во стрипот „Одмазда на еднооките“, премиерно објавен во далечната 1966 година, во 69-тиот број на популарната горњимилановачка едиција „Никад робом“. Како комплетен автор на овој стрип од 30 табли, кој е на тема од македонското средновековие, се потпишува Љубомир Филиповски од Скопје, еден од најплодните македонски стрип-творци.

Иако Филиповски го создава на почетокот од својата кариера, како деветнаесетгодишен, „Одмазда на еднооките“ според мое мислење е не само еден од најдобрите македонски историски стрипови, туку и еден од најдобрите македонски стрипови воопшто. Мешајќи ги историските факти со имагинацијата, во него тој ја раскажува приказната за тројца храбри Самуилови војници – Никола, Владимир и Стамен – на кои им било оставено по едно око за поразената војска да ја вратат на својот цар. Но наместо тоа, во желбата за посветлото утре на родната грутка, тие ја продолжуваат битката против Ромеите, што овој стрип го прави безвременска авантура, изјави Стеванов.

Во втората секција на изложбата е претставена современата перспектива за Балканот во историските стрипови, во форма на 64 дела. Меѓу изложените стрипови на 67 автори, од кои 27 уметници од осум земји беа избрани на меѓународен конкурс, е и стрип на Славица Купенкова од Скопје, на која на манифестација ѝ беше доделено специјално признание. Покрај Купенкова, како гости на Меѓународниот фестивал на историски стрип во Брашов, на отворањето на изложбата присуствуваат и претставниците на Стрип центарот на Македонија – Ване Трајков и Александра Андреева.

Изложбата, чиј куратор е Никола Пепене, е поставена во рамки на петтиот Меѓународен фестивал на историски стрип во Брашов, а е составена од две одделни секции. Во првата од нив, на мултимедијален начин и во креативна форма се прикажани резултатите од истражувачкиот проект за историјата на историските стрипови на Балканот, фокусирајќи се на споделените стереотипи и клишеа.

„CAN for Balkans“, која е дел од истоимениот меѓународен проект, ќе биде поставена во Брашов до 13 ноември, по што ќе се пресели во Брисел, Лесковац, Тирана и во Велес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.