Во Центарот за култура во Битола денеска ќе биде изведена Првата професионална претстава на знаковен јазик „Три“, работена по легенда од Марко Цепенков за Овчарот и Трите самовили. Главна тема на претставата се еколошките проблеми на денешницата, односно еко-катастрофата што се случува поради глобалното затоплување, отпадот, загадувањето на воздухот, водата и почвата.
Првата детска претстава на знаковен јазик „Три“, која е поддржана од Europe House / ЕУ со Тебе, е посветена на заштитата на животната средина. Претставата е наменета за широката детска публика, а истовремено за децата со оштетен слух. Актерите на сцена паралелено зборуваат и говорно и на знаковен јазик. Претставата е во продукција на АТО — Центар за современа уметност и култура од Битола и е поддржана од Германската интернационална агенција за соработка ГИЗ и Министерството за култура.
Дидактизмот во претставата е акцентиран кон сортирањето на отпадот со цел најмладата публика да ја стекне навиката различното ѓубре да го фрлаат во содветните корпи за отпадоци, како што се за пластика, стакло, хартија и органски отпад. Додека преку театарското дејствие се буди свеста за екологијата во текот на претставата, во исто време актерите во интеракција со детската публика заедно ја изучуваат знаковната азбука како и некои основни знаковни изрази за комуникација со лица со оштетен слух, информираат од АТО — Центар за современа уметност и култура од Битола.
Од АТО посочуваат дека во земјава претстава за глувонеми на знаковен јазик на професионално ниво не беше застапена и затоа претствата ТРИ го носи орденот на Првата професионална претстава на знаковен јазик во земјава со цел да се развива редовен театарски репертоар на претстави изведувани на знаковен јазик.
Автор и режија на претставата е Јован Ристовски, а улогите ги толкуваат РОЗЕ Маја Андоновска Илијевски, ЛИЛА – Сандра Грибовска, СИНКА -Анастазија Христовска и SВОНКО БОНБОНКО – Никола Пројчевски. Костимографијата е Марта Дојчиновска. Шминка – Симона Ристевска. Тутор за знаковен јазик – Сузана Станоевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.