Н.У. Театар за деца и младинци ја најавува првата изведба за публика на претставата „ Лажеш Мелита”, која ќе се одржи в сабота во 12.30 часот. Претставата е работена според истоимениот роман на хрватскиот писател Иван Кушан. Драматизацијата е на Бојан Трифуновски, а режијата на Драгана Милошевски Попов.
Премиерната изведба на „Лажеш Мелита“ во декември 2021 беше од затворен тип, поради состојбите со пандемијата и специфичноста на самата претстава која се изведува на повеќе локации во објектот на Театарот за деца и младинци.
Среќни сме што оваа претстава која е специфична и прва од од овој вид за нашиот репертоар, конечно ќе биде во контакт со детската публика, истакнуваат од Театарот за деца и младинци.
Затворени во своите виртуелни светови, заборавивме да се слушаме. Бираме да следиме брзи и кратки слики, а слушањето стана непознато. Нашата приказна е пат по кој не се движите секојдневно. Таа започнува во една улица, во една куќа на семејството Косиќ. Таму расте една Мелита. И воопшто не и е лесно… Некако како да и е тесно во чевличките,како да сака повеќе бои од постоечките, повеќе можности да се достигне невозможното, за милениците посакува пошироки полиња, за другарите килим кој ќе полета, повеќе врати на училиштето, помалку дупки помеѓу облаците. Сака да раскажува, смислува случки и настани, вели дека не се плаши, кажува дека постојано се смее и дека вистината е во вселената и тешко цела може да се дофати… само понекогаш! Затоа се сетивме на Мелита, девојче кое раскажува најневеројатни случки и решивме да ве запознаеме со нејзиниот фантастичен обид да порасне – вели режисерката Драгана Милошевски Попов.
Според Бојан Трифуновски кој ја работеше драматизацијата, „Лажеш Мелита“ претставува класика на балканските простори.
„Лажеш Мелита“ на Иван Кушан веќе е класика на балканските простори. Прекрасен роман за деца, кој на забавен начин ни кажува колку е важно и потребно секогаш да се зборува вистината. Но истовремено никако не смее да се запостави имагинацијата и креативноста на децата. Тоа е она што е најважно кај детето. Неговата слобода да создава светови, подобри од оној во кој живее. Еден ден, кога ќе пораснат, таквите деца, кои немаат рамки во размислувањњето, навистина го прават светот подобар. Роман за родителите кој под притисок на светот и општеството, во борбата за повеќе пари, не им обрнуваат внимание на своите деца. А вниманието, најчесто се надополнува со креации кои ги заменуваат вистинските потреби на децата. „Лажеш Мелита“ е интерактивна сложувалка која се базира на моќта на раскажувањето, најубавата но малку подзаборавена форма во детското секојдневие. Додека раскажувачот , додека ја раскажува, се трка со својата приказна, тој/таа креира свет кој е возбудлив и подобар од оној што го има, додека ги чека родителите да се вратат од работа. Сите сме Мелита, само најчесто таа Мелита во нас останува неразбрана – истакна Трифуновски.
Композитор на музиката за претставата е Срѓан Марковиќ, костимограф е Елена Вангеловска, а сценографијата и изработката на кукла е на Кирил Василев а пак дизајнот на плакатот и програмот го изработи Бранкица Јордановска.
Во претставата играат: Наташа Петровиќ, Ана Левајковиќ Бошков, Винета Дамческа Мојаноска, Ненад Митевски и Ангела Димитрова.
Следната изведба на Лажеш Мелита“ е закажана на 28 мај во 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.