Во понеделник на 3-ти јуни 2024 година во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт на Благој Ламњов.

Во овој интимен концертен амбиент, македонско-шведскиот кларинетист Благој Ламњов ги поместува границите на инструментот кларинет, мешајќи го Македонскиот фолклор со сензитивноста на западната класична музика. Под влијание на двата музички жанра, зачинет со префинета сензитивност, музичкиот стил на Благој ќе ви понуди концертно доживување полно со емоции, една подлабока средба со кларинетот, како и поблиска музичка слика за Македонија, создавајќи мост помеѓу стариот и модерниот свет.

Благој Ламњов е истакнат македонски кларинетист кој живее во Шведска. Препознатлив е по неговото исклучително емотивно музицирање и уникатен стил на изведба на Македонска фолклорна музика. Неговиот албум Nostalgic Love придонесе позитивно влијание во многу полиња во општеството. “Ти ми откри една нова димензија на кларинетот” е често користен коментар од слушателите.

Благој е класично образован кларинетист во Шведска, Америка и Македонија. Настапил во половина Европа, Кина, Јапонија, Америка и Канада. Во Шведска вообичаено е ангажиран во операта на Малме, некогаш и 7 месеци во годината, а неговата соло кариера полека но сигурно се движи во нагорна линија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.