Вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм на денешниот протест пред Владата, што го организираат трета недела по ред, повторно го изразија незадоволството од своите месечни примања и очекуваат на денешната владина седница да се разгледа нивното барање.

Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски на протестот посочи оти постојат законски можности за решавање на прашањето на вработените во Министерството за култура и се надева дека денеска на владината седница ќе преовлада разумот и ќе се покаже слух и волја за 190-те вработени во секторот култура.

-Овие денови во повеќе наврати го изразивме нашето незадоволство и го упативме барањето за одобрување согласност за потпишување колективен договор до Министерството за финансии. Каков парадокс, на вработените во неколку државни институции им се ограничува колективното делување и остварувањето на уставно зaгарантираното право на плата. Истовремено, се крши и уставното начело на еднаквост и рамноправност на сите вработени затоа што министерот за финансии едноставно цени дека неговите вработени заслужуваат поголеми примања за работата која ја вршат. И никој од надлежните не се спротиставува на оваа одлука на првиот финансиер, туку напротив, ја аминува, рече Костовски.

Според Костовски, одлуката на владината седница нема само да го манифестира односот кон вработените кои протестираат, туку генерално кон културата која, како што рече, не треба само декларативно да биде темелна вредност во општеството.

Претставниците на Синдикатот на вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм минатата недела остварија средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, на која ги повторија своите барања за покачување на платите, но не изнајдоа заедничко решение.

Костовски најави дека ќе продолжат со протестите се додека не им се исполнат барањата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.