МКЦ- Битола беше домаќин на промоцијата на книгата “Полуотворено” на Милан Чекрџин – Цеф. Од прва рака слушнавме и разговараме за процесот на креирање на книгата, како и за животот во затвор, ресоцијализацијата после излегувањето, но и за начинот на размислувње на авторот.

-Пробал сѐ и сешто и бил секаде. Знае сѐ и ништо не му е тешко. Тој вози бендови, организира концерти, го има на шпица од вести, има брада, па нема брада, може да помине граница, па не смее да помине граница, оди во гулаг, излегува надвор, пушта матрици, па вози бендови, мести звук на настани, пакува и распакува бубњеви, па зготви храна и среди смештај за бендови на турнеја, работи мерч, собира кабли, легнува да спие и се буди прв бидејќи спие буден.”, вака отприлика е опишан Милан Чекрџин – Цеф, авторот на книгата “Полуотворено”.

Родум од Зрењанин, денешен жител на Нови Сад и во минатото привремен жител на Сремска Митровица, во Казнено Поправната Установа. Во кратки црти, Цеф е фатен со 72 грама канабис и осуден на 3 ½ години затвор. Казната ја издржува во полуотворено одделение на затворот, и за време на неговиот престој таму пишува дневник, кој првично го објавува на својот блог, со посредство на неговата девојка и пријатели. По излегувањето од затвор, при директна комуникација со читателите ја сфаќа вредноста на содржината и решава блогот да го претвори во книга-дневник. Книгата излегува во 2022 година и поминува одлично, се организираат промоции во Србија и Хрватска, а прогласена е и за најпродавана книга од домашен автор во книжарниците на Беополис (Србија) за таа година.

МКЦ Битола беше една од „постојките“ за промоција на оваа книга во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.