Синоќа Општина Охрид и Кирил Пецаков го промовираа дигиталниот паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид.

„Воскреснувањето на Григор Прличев преку користење на најновите технологии овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер.

Иновативниот систем е изработен од страна на компанијата Сефиданис, која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид. Решението, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.

За виртуелниот модел на ликот беа користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија. Дигиталниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, лето и зима на плоштадот на уметноста Долна Порта.

Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место“, вели Пецаков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.