Промоцијата на стихозбирката „Сега ти стануваш јас“ од поетесата Долорес Атанасова – Лори ќе се одржи на 4 август 2023 година, 20 часот, во дворот на „Куќата на Уранија“ во Охрид. Промоторка на книгата ќе биде Ана Голејшка – Џикова, модераторка на настанот е Билјана Црвенковска, а издавач на книгата е „Чудна шума“.

Рецензентката на книгата, Снежана Стојчевска, посочува дека најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д. А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“, ги интригираше читателите кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните кои авторката ги објавуваше на Инстаграм-сториња.

– Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот: денес си, утре не си. При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека „Секој секому огледало“, дека секој се гледа себеси во другиот или, пак, дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме – истакнува Снежана Стојчевска.

Долорес Атанасова – Лори (Д.А. Лори) е родена на 26.10.1974 година во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде што ги поминува остатокот од детството и средношколските денови, сè до заминувањето во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност во 1993 година.

Д.А. Лори денес работи како професор по англиски јазик во Скопје. Дел од нејзината поезија е објавена во „Букбокс“, во поетската збирка „100 000 поети за промена“ и во е-книгата „Поетискон“. Нејзината прва книга, „Будење во трето лице еднина“, беше издадена од „Блесок“ во 2014 година. Поезијата на Д.А.Лори е, исто така, објавена во монографијата на „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.