Во бифето на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, вечерва, на 4 септември, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на романот „Деца“ од познатата српска авторка Милена Марковиќ. Овој роман, што во 2021 година ја освои престижната НИН-ова награда, носи моќна и емотивна приказна за животот и растењето.

Промоцијата ќе биде проследена со разговор меѓу авторката и македонската писателка Јулијана Величковска, а изданието е објавено од ПНВ Публикации, со поддршка од Министерството за култура на Република Србија. Преводот на македонски јазик е дело на Сашо Огненовски.

Критиките за романот се одлични. Познатиот новинар Теофил Панчиќ за „Деца“ вели: „Ова е книга што ќе остави траен впечаток на читателот. Не можам да замислам некој кој ќе ја прочита, а нема да се почувствува променет“. Писателот Миљенко Јерговиќ додава: „’Деца‘ е поетско ремек-дело за женственоста, мајчинството и историјата, роман што ни ги отвора трауматичните сеќавања на минатото“.

Милена Марковиќ е истакната драматургка, сценаристка и поетеса. Нејзини дела, како сценариото за серијата „Мочуриште“ и драмите „Брод за кукли“ и „Павилјони“, се изведуваат и на македонските сцени, вклучувајќи го и Народниот театар во Битола. Во својата кариера, Марковиќ има освоено бројни награди за својата литературна и драмска работа, како што се „Милош Црњански“ и „Борисав Михајловиќ Михиз“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.