Промоцијата на книгата „Балкански вознеси“ од авторот Васил Тоциновски ќе се одржи во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ на 19.07.2024г. (петок) со почеток во 12:00ч. во Градската кафеана „Пелистер“.

Промотори: проф. д-р Васил Дрвошанов и м-р Сашо Огненовски

Книгата „Балкански вознеси“ на македонскиот писател и научен работник Васил Тоциновски, издание на „Академска мисла“ Скопје, претставува своевидно освежување. Во ова заитано и превртено време на конфликти, недоразбирања, разградувања и непочитување ги проследува, толкува и вреднува заедничките нешта кои ги зближуваат и творечки ги обединуваат балканските литерaтури. Книгата содржи дваесет текстови во кои низ архивски истражувања и нова документација се разгледуваат малку познати и се отвораат нови страници за одредени автори и дела, појави и пројави во македонската книжевност од еден подолг временски период, почнувајќи од втората половина на деветнаесеттиот век до денес. 

Васил Тоциновски на триста страници во книгата „Балкански вознеси“ е во потрага на автори и дела, појави и пројави, процеси и состојби кои градат мостови на пријателство, почит, доверба и соработка меѓу народите и државите. Настрана од дипломатијата и историјата авторот системно и аргументирано открива нови и непознати страници од животот и делото на Андреја Д. Петкович и Кочо Рацин. Станува збор за текстови кои се читливи, интересни, разбирливи со убавините на стилот и јазикот со кои го идентификуваме авторскиот ракопис на Тоциновски. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.