„Бела Сама“ – најновото прозно дело на македонска авторка Виолета Танчева-Златева вечер ќе биде промовирано во Културно-информативниот центар – Скопје. Делото го издаде Издавачки центар „ТРИ“.

Како што информира Културно-информативниот центар – Скопје, овој роман е суштинско навлегување во темите на мајчинството, женскиот принцип и трагичните околности во животот.

Оваа книга е вистинско обележје на македонскиот современ роман. Навраќање кон човечките вредности, а едновремено и чекор напред кон излегување од патријархалноста и стереотипите. Да ги овековечиме безвременските вредности на квалитетната македонска книжевна сцена, се наведува во најавата.

Според писателката Лидија Димковска, „женскиот принцип во приказната, растргнат меѓу патријархалноста и еманципацијата, е личен и колективен. Бела Сама е и Бела и Сама, впрочем, како толкумина други девојчиња, девојки и жени кои поминуваат покрај нас со своето бреме што можат да го видат само нашите внатрешни очи. Виолета Танчева-Златева на топол хуманистички начин токму ним им дава право на глас и со тоа ни нуди четиво за промислување, за сеќавање, за поддршка и за дејствување.“

Танчева-Златева досега има објавено пет прозни и девет поетски книги. Застапена е во повеќе домашни и странски антологии, панорами и избори.

Промотор ќе биде Ана Јовковска, а влезот на промоцијата е слободен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.