Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев ќе биде промовирана денеска, на 25 септември (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов, а книгата е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Љубомир Кекеновски и поранешниот фудбалер и соиграч на Панчев, Васил Рингов, а модератор ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Во изданието, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па сѐ до европската фудбалска авантура. Во книгата се открива за животот на Панчев и надвор од зелениот терен…
„Македонската Кобра, како што го знаат нашиот Дарко Панчев лаиците и оние поупатените, го разбранува фудбалскиот свет во своето време и на величествен начин – од Вардар преку Црвена звезда – во 1991 година стигна до титулата прв стрелец на Европа, освојувајќи ја ’Златната копачка‘ на популарниот ’Екип‘ и на брендот за спортска опрема ’Адидас‘. Со 34 постигнати гола и со освоените титули со Звезда – европски и светски клупски првак, и ’Сребрена топка‘ во изборот на реномираниот француски спортски весник ’Франс фудбал‘ за втор најдобар играч во Европа, иако според мнозинството од фудбалскиот свет ја заслужил ’Златната топка‘ – Панчев стана една од најинтересните фудбалски појави, не само на Стариот Континент, туку и во светот“, вели Михајлов во книгата.
Во книгата е поместен избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот.
Публикацијата е збогатена и со искази за Панчев од челниците и легендите на Звезда, од неговите соиграчи, современици, претставници од спортската и од научната фела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.