Светски познатиот словенечки писател, Драго Јанчар, кој гостува во Скопје на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, вечерва во 18 часот ќе се сретне со своите читатели во книжарницата „Литература.мк“ на улица Македонија. Ќе бидат промовирани романите „Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“, кои се објавени на македонски јазик, во издание на „Арс ламина – публикации“.
Преводот на двата романа од словенечки јазик е на Дарко Спасов, а објавувањето е финансиски поддржано од Фондацијата „Трубар“ при Друштвото на словенечки писатели во Љубљана и од Јавната агенција за книга на Република Словенија. Разговорот со Драго Јанчар ќе го водат уредничката во издавачката куќа „Арс ламина“, Бисера Бендевска и преведувачот Дарко Спасов.
„Таа ноќ ја видов“ е првпат објавен на словенечки јазик во 2010 година. Романот опфаќа неколку години од животот и мистериозното исчезнување на Вероника Зарник, млада и убава буржујка од Љубљана, која е вшмукана од силниот вртеж на бурниот историски период. Нејзината приказна е раскажана низ призмата на пет лика, кои истовремено говорат и за себе и за турбулентните времиња во Словенија пред и за време на Втората светска војна. Тоа било време кога дури и во навидум сигурното и идилично прибежиште на дворецот на Зарник било неможно да се избегне незапирливиот налет на насилството. Романот е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, наградата „Кресник“ за најдобар роман на годината, а во 2020 е прогласен за најдобар роман, награден со истоимената награда во периодот од 2010 до 2019 („Кресник на деценијата“).
И романот „И љубовта“, објавен во оригинал во 2017, исто така е носител на наградата „Кресник“. Насловот на романот е зајмен од песна на Лорд Бајрон и претставува восхитувачка приказна за волјата и за издржливоста на човековиот дух наспроти историските совпаѓања и трагедијата. По окупацијата на Југославија од германските сили во 1941 година, словенечкиот град Марибор, град со многубројно германско малцинство низ историјата во кој се зборува и на германски јазик, е анектиран кон Третиот Рајх. Во градот преименуван како Марбург на Драва, довчерашните соседи и пријатели стануваат крвници, а низ околните ридови се организира движење на отпорот.
Драго Јанчар (1948 г.) е еден од најпознатите современи словенечки писатели, гласен политички критичар и граѓански активист. Неговите дела добиваат престижни награди, како: наградата „Прешерн“, наградата „Кресник“, наградата „Хердер“, Европската награда за литература. Неговиот драмски текст „Големиот брилијантен валцер“ е поставен во Македонскиот народен театар во Скопје (1986) и во Народниот театар во Прилеп (1990). Од 1995 година е член на Словенечката академија на науките и уметностите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.