Утре – четврток од 12.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде промовирана стихозбирката „Позајмениот куфер“ од Наум Трајчески, роднокраен автор и почесен член на охридската библиотека.
За животот и творештвото на Трајчески ќе говори м-р Милчо Јованоски, директор на библиотеката.
Пред присутните ќе биде прочитан и освртот на Билјана Петрова од Австралија.
Наум Трајчески е роден во село Издеглавје, Охридско во 1952 година. Од 1977 година живее во Австралија. Основач е на Македонското Литературно Друштво ,,Ванчо Николески“ од Квинбијан Нов Јужен Велс, каде неуморно работи на промовирањето на македонскиот пишан збор преку одржувањето на библиотека, организирање на поетски манифестации, како и годишен конкурс за најдобри македонски поетски и прозни творби за деца и возрасни во Австралија.
Својата прва стихозбирка ,,Дебарца по туѓина ја“ издава во 1992 година. По подолга пауза, во 2012 година е објавена неговата втора книга со наслов ,,Секојдневие“, а веќе наредната 2013 година следи и третата збирка ,,Грст мудрости“.
Четвртото дело на Наум Трајчески ,,Патеки на животот“ издадено е во 2014 година. Тоа е плод на неговиот творечки порив и желба за сочувување на автентични животни приказни кои на многумина би им помогнале пред вистински да им затреба помош.
Стихозбирката ,,Одминато време“ издадена во 2017 година всушност му го донесе најголемото признание на Наум Трајчески – наградата СТОЈАН ХРИСТОВ за најдобра книга поезија на иселеник со Македонско потекло, во склоп на Струшките Вечери на Поезијата за 2018 година.
Поетот Наум Трајчески е застапен во повеќе антологии и поетски манифестации од кои поголемо внимание заслужуваат Ѕуница, Симфонија на срцето 2, 3 и 4, зборникот на здружението Нова, Манастирско поетско ехо Суводол, Демир Хисар, Поетско Маркукуле Прилеп, Здружение на писатели Куманово, Поетска манифестација Охридски поетски бисер, најновиот зборник ,,1200 молитви“ посветен на Тоше Проески во 2022 година и многу други.
Поезијата на Наум е наградувана на сите манифестации и наградни конкурси каде учествувал во кои се вклучуваат: Писателското друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Здржението на писатели Куманово – прва награда Кокино 2019 година, прва награда од ТВ – Сонце, Поетска манифестација ,,Сплоти се Македонијо“ за 2021 со песната Недораснат патник и други.
Најновото дело на Наум Трајчески, стихозбирката ,,Позајмениот куфер“ е уште еден доказ дека станува попрепознатлив во македонското литературно творештво. Неговата поезија која извира од душата на авторот ги храни чувствата на читателите, од најмлади до највозрасни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.