НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и оваа недела препорачува пет нови наслови кои од денеска можете да ги зајмите.
Големи лаги во мал град од Дијана Чејмберлен во издание на Култура.
Чејмберлен, докажан раскажувач на неверојатни приказни, ги држи читателите во неизвесност со приказна што ги поврзува историјата и сегашноста со романса и мистерија.
Северна Каролина 2018 година:
Поради злосторството што не го сторила, животот на Морган Кристофер се менува целосно. Нејзиниот сон за уметничка кариера е ставен во мирување, додека еден мистериозен посетител не ѝ даде понуда што ќе ја ослободи од затворот. Нејзината задача е да реставрира еден стар мурал пред платото на поштата во едно мало заборавено гратче. Морган не знае ништо за реставрација, но, очајна за да биде слободна, таа прифаќа. Она што таа го наоѓа под слоевите од нечистотија е слика што раскажува приказна за лудилото, насилството, заговорот и тајните на тоа мало гратче.
Со љубов од Лондон од Сара Џио во издание на Сакам книги
Кога библиотекарката Валентина Бејкер била тинејџерка, нејзината мајка неочекувано побегнала во родниот Лондон, оставајќи ги Вал и татко ѝ сами. Вал сега има триесеттина години и пропаднат брак зад себе, па се чувствува како да не си го сака животот – и знае дека нејзиното срце сѐ уште е скршено благодарение на тоа што била напуштена од сопствената мајка.
Во еден горко-сладок сплет на судбината, Вал добива абер дека нејзината мајка починала и ѝ го оставила својот стан, како и имотниот лист за една книжарница. Иако веста е поразителна, Вал одеднаш цврсто решава да открие која и каква била нејзината мајка навистина. Го прелетува океанот, го напушта Сиетл и започнува нов живот во преубавиот Лондон…

Совршен допир од Ана Антовска во издание на Сакам книги
Марија е силна и независна архитектка, успешна и истакната во својата област, па не е никакво изненадување кога добива понуда за работа во престижна компанија. Нејзиниот хумор зачинет со многу сарказам, способноста да се шегува дури и на своја сметка и вечно позитивната енергија која зрачи од неа, ја прават како магнет за сите во нејзина околина, но особено за мажите, кои не остануваат имуни ниту на нејзината огнена коса, полните сензуални усни, крупните искрени очи и женствените облини. Но тие нејзини очи кријат голема тајна и имаат исплакано премногу солзи во животот, а зад нејзината убава насмевка лежи незамислива болка.

Мојата Пепелашка од Колин Хувер во издание на Арс Либрис
Случајна средба ги наведува осумнаесетгодишниот Даниел и девојката која случајно налетува на него да си искажат љубов еден на друг.
„Но, оваа љубов има услови: се согласуваат дека ќе трае само еден час и ќе биде замислена. Кога ќе помине тој еден час и девојката ќе отрча како Пепелашка, Даниел се обидува да се убеди себеси дека она што се случило меѓу нив изгледало совршено само затоа што тие се преправале дека е совршено. Моменти како овие со девојка како оваа не се случуваат надвор од бајките… Даниел наскоро сфаќа дека пронаоѓањето на Пепелашка не е гаранција за да бидат ‘среќни засекогаш’… тоа е само дополнителна закана…“

Убиствата во Флит хаус од Лусинда Рајли во издание на Матица македонска
Убиство, мистериозна фотографија и потресна семејна тајна која ќе го задржи вашето внимание до расплетот.
Библиотека за читателите е отворена од понеделник до петок од 8 и30 до 18 и 30 часот.
Читалната во одделот за издавање ќе биде отворена од понеделник до петок од 9 и 30 до 17.00 часот а читалната за дневен печат и периодика во Прличевата одаја со читатели ќе работи од 9 до 15.00 часот. Читалните ќе можат да ги користат само членовите на Библиотеката.
Прличевата одаја во слободни термини кога во неа нема активности на библиотеката со надомест можат да ја користат како место за одржување настани здруженија од невладиниот сектор и други институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.