Вечерва во 19 часот во Струмица во „Литература.мк“ ќе се одржи промоција на новата сликовница на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, со текст на српската авторка Ана Торма – „Рекичето што сакаше да порасне“.
Промоторка на книгата ќе биде Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“. Промоцијата во родниот град на Костуранов следува по претставувањето на делото на годинешниот Саем на книгата, што се одржа на почетокот на мај.
Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а ја уредуваше Оливера Ќорвезироска.
Ова е петта книга за деца од Костуранов, во издание на „Арс ламина“, по „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021).
„Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете што е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст, Ана Торма прави симпатична, симболична „замена“ на дете со рекиче и на мајка со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата…) е еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус.
Рекичето на Торма и на Костуранов не е рекичка, како што вообичаено ги викаме малите реки. Таа е рекиче и со оваа зборовна финеса, со нетипичниот деминутив, се остварува дополнителна милост. Се онеобичува необичното, се намалува малото, се разнежнува нежното, но и се подвлекува индивидуалноста како битен патоказ во развојот на децата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.