Стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори“ од Кристина Краличин ќе биде промовирана денеска во 17.30 часот во Morris Caffe Bar во Дебар маало во Скопје. Изданието е на ИД-Концепт, а промоцијата се реализира во соработка со издавачката куќа „Чудна шума“. Модератор на настанот ќе биде Билјана Црвенковска, делото ќе го промовира Сребра Ѓорѓијевска, а делови од стихозбирката ќе читаат Јована Аврамовска и Благој Чоревски.

Кристина Краличин е родена во Скопје каде се школувала и завршила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Љубовта кон пишаниот збор ја носи во себе од своето раѓање, и токму во таа насока ги усмерува своите намери во работата што ја исполнува целосно.

Не само што пишува уште од најраното детство – поезија и раскази, туку водена од предизвикот на текстот, информацијата и пишаната мисла, работи како новинар во една од нашите телевизии 3 години, што ѝ дава искуство пред јавност и пред публика, како да го изнесе своето размислување и да ја почувствува моќта на пишаната или изговорената реч.

Откако има насобрано материјали за да издава книги, таа се решава да го направи првиот чекор кон авторството и да ги обелодени пред јавноста сите свои дела, да си ја разголи душата и да ја претстави својата ризница на убаво напишани мисли.

Во поговорот на нејзиното првенче, стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори“, авторката Кристина Краличин вели:

Книгата ја извезов со поетска инспирација, ја врзав со говорот на сетилата, ја проткав со небото, реките, планините, калта и земјата по кои транзитира времето. Се роди спонтано и ненаметливо течејќи низ формите на невозможното, каде што се мие и блеска љубовта како кристално чиста есенција на зборот и мислата. Ја давам несебично, топло и даровно на секој што знае да вреднува подарок испишан со мастилото на срцето.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.