Во вторник, 22 ноември, во фоајето на Младински културен центар (МКЦ) во 20 часот ќе се одржи промоцијата на поетската книга „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски, во издание на „Бата прес“.

За книгата ќе разговараат Гоце Смислевски и Дејан Трајкоски, а песни од книгата ќе изведат Пијан Славеј и Гоце Јованоски.

За книгата во издание на Бата прес, писателот Гоце Смилевски ќе напише:

Во поезијата на Трајкоски сведоци сме за едно суптилно чувство за детаљот, и имаме впечаток сличен на оној како кога камерата, во остварувањата на одредени синеасти се приближува до одреден објект не само за да ни го направи она што го снима повидливо и повпечатливо, туку и создавајќи едно скоро хипнотичко дејство, или поскоро – трансцендентално чувство на понирање на набљудувачот не само во визуелната димензија, туку и во суштината на она што се набљудува: како да нѐ води некаде отаде видливото.

Поезија на метафизичко проникнување на човековата егзистенција, низ дијалог со филмовите, или делови од нив.

Читајќи ја оваа поетска збирка на Трајкоски, соочени сме со поезија богата со специфична визуелна имагинација, и честопати имаме впечаток дека стиховите полни со интимни рефлексии, како и оние со контемплации, се менуваат со стихови со таков визуелен набој, како да се снимени, кадрирани, монтирани, зумирани…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.