Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ на 12 мај (четврток) во 12 часот „Матица македонска“ од Скопје ќе ја промовира авторската едиција во десет книги „Античката
филозофија и нејзиното влијание“ од академик Витомир Митевски. Колекцијата на овие
научни книги е резултат на дводеценискиот проект на авторот и претставува серија од монографски дела од кои секое обработува една тематска целина. Првите шест книги се посветени на: Раната старогрчка филозофија, на Сократ, Платон, Аристотел, Хеленизам и Рим
и Доцна антика. Потоа следат четири книги кои го обработуваат влијанието на античката
филозофија низ вековите сè до наше време: Античката филозофија и Византија, Античката
филозофија и средновековието на Запад, Античката филозофија и западното нововековие
и Античката филозофија и словенскиот свет.
За одбележување е што изданието во целина по својата сеопфатност и темелност е
реткост во светската философска литература. Настојувањето на авторот да се изразува со
едноставен стил и јазик овозможува и некои посложени философски проблеми да бидат
разбирливи за пошироката образована читателска публика.
За значењето на овој голем научен и издавачки проект ќе говорат: академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, проф.д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет
и д-р Јасмина Поповска, професор по античка филозофија на Филозофскиот факултет од Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.