58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп почнува вечерва, под мотото „Промени се, промени сè“.
Изложбата „Горан Стефановски и книгите“ што ќе биде отворена во 19 часот во Градската библиотека „Борка Талески“, ќе биде првата содржина на отворањето на фестивалот. Изложбата се реализира во соработка со прилепската библиотека. Половина час подоцна ќе следува изведбата на „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, а продукција на Драмскиот театар од Скопје.
На изведбата на актерите од Драмскиот театар ќе претходи врачувањето на наградите за животно дело, за актерите Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов. Оваа година наградата за животно дело е изработена од автентичен прилепски мермер од страна на „Крин производство“.

Сакам да имаме фестивал кој ќе се менува, но и ќе го менува театарскиот контекст, кој ќе иницира промени кај секој што избрал да се занимава со театар. И видливо е тоа, посебно деновиве во Прилеп дека успеваме на некој начин да ја почнеме промената. Тргнавме од начинот на организација, да ги поедноставиме и осовремениме сите активности во самиот процес, да ја креираме поинаквата естетика, па дури и да почнеме со онлајн продажбата на билетите за прв пат оваа година. Фестивалот сакам да го поставиме на мапата на сериозни театарски фестивали и да го задржи статусот на најстариот и најважниот театарски фестивал во Македонија – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Со Стојаноска разговаравме во пресрет на Фестивалот за програмата, предизвиците, селекцијата, промените…

Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“- Прилеп ќе се одржи од 7 до 14 јуни под мотото „Промени се, промени се“. Какви промени најавувате?

Промени на сите нивоа на организирање на фестивалот, но и во начинот на третирањето на театарската практика и естетика денес. Сметам дека од нас, најстариот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија треба да почне идејата за промена. Затоа решив да го смениме и начинот на креирање и начинот на организирање на фестивалот. И се е тоа инспирирано или иницирано од нашиот годинешен автор во фокус Горан Стефановски. За мене промената е излез од конфорната зона, откривање на сопствените способности, а истовремено и инспирација за понатаму.

Вашата програма како уметнички директор е именувана „Ново читање“. Концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“. Кажете ни нешто повеќе за селекцијата?

Како и секој сериозен театарски фестивал, МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп е позициониран во посветување на внимание кон нашето театарско наследство, но и отворање можности за нови читања, актуелни театарски трендови. Затоа оваа селекција е направена според концептот „Ново читање“. Од една страна ново читање на драмите на Горан Стефановски, од друга, ново читање на класиците на театарот. Сакав на фестивалот да донесам актуелни претстави што покажуваат како театрите го третираат актуелниот театарски контекст. Внимавав да има сериозни режисерски концепти, отстапување од вообичаената практика, да има поместување од досегашниот начин на третманот на драмскиот текст, да има актерски остварувања кои ќе останат маркирани во театарската историја.

Покрај Центарот за култура, најавивте и уште неколку други фестивалски зони. Што е предвидено да се случува овие денови во Прилеп?

Ќе се случува театар низ цел град. Од утринските часови, детската зона која е во центарот на градот под Саат кулата, потоа уличните театарски перформанси, откривање на нови театарски простори и покажување дека театар може да се случува секаде. Да, театарските претстави во конкуренција за награди се случуваат во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и Театарот „Војдан Чернодрински“, но работилниците, поткастите, промоциите, филмот, детските зони, разговорите за театарот си бараат свои нови простори кои ги имаме и благодарение на градот Прилеп, но и благодарение на пријателите на фестивалот. Тоа е исто така еден новитет што го променивме од минатото издание.

Автор во фокус годинава е Горан Стефановски- какви активности ќе се реализираат во негова чест?

Четири претстави во официјална селекција се на негови драми, недела е ден на Горан Стефановски, од утринската презентација на едукативните работилници кои работеа цела година, преку промоција на книги за и од Горан Стефановски, потоа презентација на Фондацијата „Горан Стефановски“ на Факултетот за драмски уметности – Скопје и на наградата „Горан Стефановски“ на Драмски театар – Скопје, следуваат и аудиодрамите на Горан што ги продуцираше и реализираше „Самоглас“, потоа филм за Горан Стефановски исто изработен од Факултетот за драмски уметности – Скопје и две претстави. Скоро сите активности на работилниците во текот на фестивалот се инцирани и инспирирани од неговата дејност. Сметам дека на тој начин како фестивал покажуваме како треба да ги чуваме големите автори и како треба да им оддадеме почит и внимание. Би сакала да дојдете во Прилеп и да уживате овие осум дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.