НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот П.ЕН Центар, Друштвото на писатели на Македонија и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ заеднички организират свечен настан по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата и одбележување на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Настанот ќе се одржи во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје на 21 март (вторник) со почеток во 11 ч.

Во рамки на Програмата на настанот, ќе бидат прогласени добитникот на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2023 година, добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2023 година, истовремено со свеченото прогласување на лаураетите на СВП во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов

По прогласувањето на лауреатите на СВП ќе бидат прочитани поетските посланија по повод Светскиот ден на поезијата од претставници на Македонскиот ПЕН центар и Друштвото на писатели на Македонија, по кои следува поетско читање од истакнати поети-членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писатели на Македонија. Во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, кој се одбележува во текот на целата 2023 година,како Година на Ацо Шопов, ќе бидат прочитани песни од Ацо Шопов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.