Интерарт културниот центар во сабота, 28 октомври во 19 часот, во „Мала станица“, го завршува проектот „Простор за разговор“ или „Dancing (Talking) Table“ со кој, преку уметнички активизам во изминатава година ја подигнуваше свеста за родовата еднаквост и ненасилство врз жените. Проектот, кој е во соработка со Швајцарската амбасада во Скопје се базира на вистински животни приказни, чии сценски рефлексии беа отсликани преку современ танцов перформанс.
Директорот на Интерарт културен центар, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е „важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата“.
Проектот беше фокусиран на обраќање кон младата популација. Националната турнеја, која опфати десет градови низ републикава, се одвиваше низ комуникација со, во најголем дел средношколци, на кои им се презентираше танцовиот проект и филмот и потоа се разговараше на темата со цел да се поттикнат отворено да зборуваат за истата. Искуството покажа дека тоа е единствениот начин, преку кој можат да се менуваат нештата, т.е. односот на општеството и да се подигне свеста кај младите. Целта беше да го свртиме вниманието на јавноста кон овој горлив проблем, да создаваме похумано и по грижливо општество, во кое секој ќе го најде своето место и ќе може да живее без стеги и страв. Преку уметнички активизам да допринесеме во ослободување и поголемо социјализирање на општеството. Многу сум благодарна до сите учесници во проектот, до Швајцарската амбасада за поддршката, како и до сите наши партнери во Скопје и низ градовите во земјава, каде се одржуваа настаните“ – вели Рисима Рисимкин, која е една од водечките македонски кореографи, воедно уметнички директор на Танц Фест Скопје и Скопје танцовиот театар и деканка на Филмската академија и Катедрата за современ танц при универзитет „Гоце Делчев“.
На завршниот настан, ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“, како и нов танцов перформанс Dancing (Talking) Table“ (волумен 2), со млади уметници, современите танчери Сара Димоска, Клара Христовска, Јоана Благадуша, Моника Шолевска, Илина Костова, Теона Ѓуровска, Нина Петрушевска, Надја Лукановска, Ивона Маневска, Елена Стојкоска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Микаела Колцункова (Словачка), Сара Крковиќ (Црна Гора), Марија Андовска, кои се студенти на Катедрата за современ танц при УГД.
Кореографијата и режијата е на Рисима Рисимкин, музиката на Тони Китановски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ, костимите на Благој Мицевски, а асистенти-репетитори се Анастасија Данчевска, Дејан Битровски.
По танцовиот перформанс ќе се обрати покровителот на настанот Н.Е. Вероника Хулман, амбасадорка на Швајцарија, а потоа ќе се одржи округла маса и разговор на темата на која ќе зборуваат: Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Небахат Имери – оснивач на ЗПСП Кортекс, која работи на советување и психотерапија со млади и возрасни, вработена во ЈУМЦСР-Тетово, Јован Цветкоски – раководител на Младински центар Охрид, Ана Зафирова – новинарка и активистка и Рисима Рисимкин, уметник и професор.
Дускусијата е отворена за сите кои сакаат да учествуваат, а влезот за настанот е слободен.
Проектот имаше Националната турнеја низ десет градови: Куманово, Штип, Тетово, Гостивар, Неготино, Гевгелија, Битола, Велес, Охрид и Струга. Националната турнеја на проектот се реализираше во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со култура и темата на родово еднаквост и родово базирано насилство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.