Во организација на поетесата Олга Панкина, позната руска македонистка и преведувачка во Москва, Русија, се одржа литературна вечер посветена на академик Влада Урошевиќ во рамки на нејзиниот отворен проект „Читаj jа Македониjа!”.
Проектот што доследно го реализира од 2014 година, се покажал како многу успешен, појаснува Олга Панкина, која има преведено и препеано на руски околу 300 македонски автори – поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички творби презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави.
Ми се појави идеја да ги презентирам во Русија редовно, системски, во рамки на еден литературен проект. Го насловив „Читај ја Македонија!” Под тоа мото одржав многу литературни настани – промоции, книжевни разговори, омажи и изложби на книги, претставувајќи ја современата македонска литература како богата и разнолика – жанровски, стилски, тематски, генерациски. Во изминатите 10 години jа претставив на разни терени и во разни градови – најмногу секако во Москва и на најблиското подрачjе Подмосковjе, но и во градовите Внуково, Зеленоград, Долгопрудниј, подалеку во Твер, Санкт-Петербург, Пjатигорск, Ханти-Мансијск, како и на помали места, на пример во станицата „Новопесковска” на Краснодарската покраина – вели Панкина која е посветена на популаризација на македонската култура во Русија.
Низ цела година таа одржува литературни и културни настани, а оваа година, вели, му е посветена на академик Влада Урошевиќ по повод неговото прогласување за добитник на „Златен венец” на Струшките вечери на поезијата за 2023 година и 90-годишнината од неговото раѓање.
На настанот Олга Панкина го претстави Влада Урошевиќ како поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар и преведувач. Неговото богато творештвото, додава таа, им е познато на руските читатели благодарение на романите „Невестата на змеjот”, „Дива лига” и „Маџун”, а и на расказите „Сабја”, „Кукла”, „Вишнов ликер” и други.
Посебно во своето излагање таа се задржа на поетската збирка „Пејач во кулата” за која во 2017 година Влада Урошевиќ jа доби највисоката руска награда за поезија “Златен витез” и на поновата, насловена „Jужна sвезда”, која лани ја објави Центарот за книга „Рудомино”. Двете поетски книги се проследени со исклучителни колажи на авторот.
Олга Панкина го презентира и мартовскиот број на најреномираното руско списание „Иностранаја литература” чие мото е изреката “Запознај ги утрешните класици!” каде се објавени песни на Влада Урошевиќ во нејзин препев. Панкина напиша и кратка белешка за него како поет, изразувајќи надеж дека читателите и преку превод ќе jа почувствуваат убавината на поетскиот израз на овој голем македонски автор.
Таа најави дека во јунскиот број на „Иностранаја литература” ќе бидат претставени низа раскази на Влада Урошевиќ, а наесен исто така во нејзин превод ќе излезе од печат нова книга – избор раскази на Влада Урошевиќ. Таа го наслови „Дирижабл над поле со пченки”. Книгата, вели таа, ќе биде подарок на Влада Урошевиќ за роденденот, но пред сѐ на руските читатели кои високо го ценат неговото извонредно творештво.
Артисти на театарот „Город”, на литературна вечер посветена на академик Урошевиќ, рецитираа песни и извадоци од неговите романи на македонски и на руски јазик.
Присутните на настанот му ја испратија на Влада Урошевиќ видеоснимката со честитки за јубилејот, наведува Панкина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.