Во рамките на кампањата „Да ги слушеме и гушнеме“ што се однесува на поддршка на повозрасните лица денеска во Кинотеката во Скопје ќе биде прикажан култниот македонски филм „Мирно лето“ како дел од акцијата „На кино со баба и дедо“.

– „На кино со баба и дедо“ е благородна идеја помладите да ги поканат своите баба и дедо или повозрасни роднини и да поминат едно убаво неделно пладне со прекрасен филм, да создадат мигови што ќе се паметат. Изборот на „Мирно лето“ исто така не е случаен, тој е антологиски, култен наслов, полн хумор, топлина, потсетсување на семејните вредности, што пак буди и носталгија. Идејата е да најдеме време да им покажеме на оние кои нè пораснаа дека ни значат, дека од нив сè уште можеме да ги слушнеме најубавите приказни, најважните совети и да им ја подариме најтоплата прегратка, велат организаторите.

За сите нив кинопроекцијата в недела е бесплатна, а во соработка со Кинотеката и со домовите на културата, слични киноприкажувањa се предвидени низ повеќе градови. Во кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“, која започна во октомври, а е планирано да трае до мај следната година, вклучени се училишта, градинки, домови за стари лица и пензионерски здруженија.

-Околу новогодишните празници, планирани се и игранки и забави во повеќе домови за стари лица и пензионерски здруженија, со цел и на оваа популација да им се овозможи забавен, социјален и културен живот. Следуваат и предавања на пензионирани експерти од различни области, креативни работилници за градинарство, готвење, рачни изработки, издавање специјализирано списание и слично.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.