На 6 март во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирана монографијата за Универзална сала, „Скопскиот симбол на хуманоста“ од Весна Дамчевска. Книгата е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, објавена е со поддршка на Град Скопје и излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради сала или културен простор што ќе има универзално значење и функција, наменет за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани. Универзалната сала е замислена како мултифункционален простор што ќе служи како културен центар за скопјани. Проектот брзо го привлекува меѓународното внимание, па земјите од сите страни на светот ја нудат својата поддршка за да ја оживеат оваа амбициозна визија. Но низ годините салата станува многу повеќе од објект, таа станува олицетворение на солидарноста на Скопје, стоејќи како светилник на надеж, потсетувајќи ги луѓето дека не се сами во соочувањето со предизвиците. Салата станува домаќин на историски настани, поттикнувајќи го чувството на заедништво и единствена цел.

Многубројните архивски материјали, расфрлани по депоа, и сеќавањата на скопјани, кои остануваат само како усна традиција, со издавањето на оваа книга се материјализираат во трајно сведоштво за овој објект и институција од особено значење за културниот идентитет на градот. Оваа монографија собира на едно место дел од информациите, податоците, архивските материјали, сведоштвата за нејзината историја и културолошко значење, преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што традиционално се одржувале во овој простор, вкупно повеќе од 5.000 манифестации, кои ги проследиле над 5.800.000 посетители.

Ова е една од ретките монографии за културното наследство од периодот на солидарноста и единствена за Универзалната сала како еден од објектите што будат носталгични чувства и сентименталност кај скопјани како градски репрезент на постземјотресното наследство на градот. Со тоа, ова наследство и богатството од настани што се одржувале тука добиваат физичка форма во облик на книга, која е од особено значење за градот Скопје во областа на културата.

Разговараме со авторката на оваа монографија, Весна Дамчевска, долгогодишна новинарка, за книгата која ќе остане да ја раскажува историјата на овој објект во срцето на градот, како негов најпрепознатлив симбол и траен сведок на антологиски збиднувања…

Монографијата за Универзална сала, „Скопскиот симбол на хуманоста“ ќе биде промовирано наскоро. Станува збор за обемен труд, што се содржи изданието?

– Навистина се работи за обемно дело ако се земе предвид форматот и бројот на страници, повеќе од двесте, текст и богат визуелен материјал. И повторно не толку обемно, ако се знае колку е долга и неверојатна историјата на Универзална сала. Така што кога ќе спакувате цели шест децении, во кои се случиле повеќе од пет илјади манифестации што ги проследиле речиси шест милиони посетители, тогаш ви се чини дека можеби и премалку сте кажале. Оттука, оваа книга собира на едно место само дел од морето информации, документи, податоци, архивски материјали, фотографии, плакати, писма, коресподенции, новински извештаи, сведоштва… Многу од тој материјал, што главно се наоѓа во Државниот архив на Македонија, а дел во депото на установата, останува собран во врзопи и во кутии, покриен со прашина, која можеби некој некогаш повторно ќе ја дувне за да ги прелиста. Можеби само за тоа ми е помалку криво, што беше невозможно за период од една година колку што ја работев книгата, да пронајдам, обработам, селектирам, да пренесам повеќе материјал… И, да, се навраќав повеќекратно ( кршејќи се во изборот што да вклучам а што да отпадне) на некои толку убави фотографии, толку непознати, скриени куриозитети, во желбата што повеќе да и` откријам на јавноста, замислувајќи си дека со исто толкава возбуда како мојата ќе ги открива овие мали делчиња од една голема историја, кога ќе ја прелистува книгата. Затоа и мојата одговорност до закажаната промоција, расте од ден во ден.

Во Универзална сала се одржувале симфониски концерти на познати светски уметници како Андре Навара, Немет Јарви, Раду Лудулеску, гостувањето на Филхармонискиот оркестар од Лос Анѓелес под диригентската палка на маестро Зубин Мехта и пијанистот Андерј Ватс, но и настапите на Жозефина Бекер, Шарл Азнавур и Жилбер Беко, како и атрактивниот мјузикл „Коса“ во изведба на „Атеље 212“… Време е да се врати овој симбол на Скопје и повторно да ги отвори вратите за големи светски настани и уметници?

– Покрај историјатот на објектот и на институцијата, книгата ги опфаќа, или акцент става на најзначајните меѓу многубројните настани што се одржале во овој простор, некои еднократни гостувања, некои традиционални домашни манифестации… Работена е хронолошки, по години, заради подобар увид во обемниот материјал. Почнувајќи од почетоците на објектот во потресниот амбиент на постземјотресно Скопје, па повиците за помош и одгласите на дотогаш невидена солидарност, до тоа како објектот станува симбол на еден архитектонско-градежен потфат во вонредна ситуација и неговата прва намена во првите години по трагедијата, па првите т.н. Средби на солидарноста, кои биле синоним за културниот и спортскиот живот на Скопје. И да не одам во детали, само ќе споменам дека посебно место им е отстапено на некои антологиски случувања како што е „Вечерта на забавни мелодии“ под диригентство на Александар Џамбазов, отворањето на салата со гостување на култното „Ателје 212“ и концерт на славниот Александар Унински, потоа незаборавниот настап на легендарниот Зубин Мехта или гостувањето на „Сонора Паласиос“ од Чиле, еден од најстарите тропски оркестри, неприкосновениот Американски балетски театар на Алвин Ејли, или култните балетски трупи на Алвин Николаис и Пол Тејлор од Њујорк, гостувањата на првенци на театарот „Бољшој“, па настапите на легендарниот француски шансониер Жилбер Беко , ненадминливата Џозефин Бејкер, која направила спектакл во Универзална, Шарл Азнавур, престижната Московска државна филхармонија, француската ѕвезда Антоан, проекциите од Фестивалот на југословенскиот документарен, краткометражен и игран филм, гостувањата на претстави од БИТЕФ,  концертот на легендарниот квартет „Голден гејт“, гостувања на драмски ансамбли од Русија, Тунис, Мексико, Италија…, настапот на славниот виолинист Хенрик Шеринг, кралскиот балет „Садлер Велс“ од Лондон, запознавање со традицијата на Пекиншката опера,  историскиските настапи на Тито Пуенте, Реј Чарлс, Би Би Кинг, Пако де Лусија, Дејвид Брн, Цезарија Евора, Ибрахим Ферер, Лори Андерсон, Пети Смит…Но и некои домашни манифестации како фестивалот на забавни мелодии „Скопје“,  „Мајските оперски вечери“, кои го имале своето огнено кршевање токму тука, па 50 годишниот јубилеј на Петре Прличко, се разбира, „Скопскиот џез-фестивал“, „Златно славејче“ како синоним за детската радост, почетоците на Театарот за деца и младинци,  „Глумците пеат“, „Златна бубамара“,  „12 величествени“, концертите на Тоше, Сариевски, Даутовски…, дебито на Симон Трпчески пред домашната публика, па „Чија си“ – првиот македонски мјузикл… Малку тажен е последниот дел од книгата, оној некаде од 2010 година до затворањето на објектот во 2015 година со последниот настан во март таа година кога паѓа покривот во салата, иако активностите продолжуваат и по затворањето на објектот со неколку фестивали и манифестации како „Бела ноќ“ и Фестивалот на светлината, за кои исто така е одделен простор. Книгата завршува со прогласувањето на Скопје за Европска културна престолнина во 2028 година и соопштување на одлуката во Брисел, бидејќи Универзална сала-Скопје е носител на апликацијата, и некако со тоа сепак убаво се завршува оваа приказна, барем во книгата, а искрено се надевам не и во реалноста, особено по најавите и почетокот на реновирањето на објектот неодамна.  Се разбира дека треба да ни` се врати симболот на Скопје, нам, на сите жители на овој град, не само на оние што се нарекуваат стари скопјани, не само на оние носталгичните, туку и на новите генерации, кои за жал, многу малку знаат за ова некогаш култно место.

Ова е Ваше прво дело од ваков тип (монографија). Што беше она што Ви беше предизвик да се зафатите со ваков потфат?

-Ќе се надоворзам на претходниот одговор. Имено, токму фактот дека објектот пропаѓа физички последниве години, а сознанието дека со тоа пропаѓа и цела една неверојатна историја за која погоре зборувам, беше иницијалниот поттик да се обидам да зачувам барем дел од сето тоа, да дадам свој придонес во културната меморија на градот. Сакав да покажам дека сепак не сме држава без културна стратегија, народ без емпатија, дека не сме поединци без чувство за почит и вреднување, да дадам поттик да почнеме одново да ги осознаваме уметничките величини и нивните достигнувања што ја збогатиле нашата културна ризница, да почнеме повеќе да ги вреднуваме  делата што ја поставиле Македонија на културната мапа на Европа и светот, да ги почнеме да ги осознаваме достигнувања што се идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење, да не ги заборавиме нашите претходници како да не ни оставиле ништо. Тоа што не успеваме да му одолееме на налетот на колективниот заборав ми е навистина многу тажно.  Сакав да се обидам да пружам рака за спас на барем дел од нашата кревка култура од тој заборав. Затоа што ако општествените уредувања се вреднуваат токму според видот и степенот на солидарноста, тешко ми е да признаам, ама мислам дека ќе останеме на дното. Оттука, примарната мисија на оваа книга е да биде потсетник на одамна изгубените емпатија, солидарност, меѓусебно разбирање и почитување, кои како да останаа длабоко закопани некаде под урнатините на скопскиот земјотрес.

Универзална сала е еден од објектите што будат носталгични чувства кај скопјани како градски репрезент на постземјотресното наследство на градот. Можете ли да издвоите нешто што Вас ве допре додека работевте на монографијата? Наидовте ли на некои интересни податоци?

– Многу, многу неочекувани откритија… На пример дека Универзална сала била членка на спонзорската асоцијација на Метрополитен опера и плаќала чланарина, па пуштено е писмо за обнова на членството. Ох, какви се` откритија нема во тие купишта хартија. А особено фотографии, билети за настани, плакати… кои никогаш претходно не сум ги видела, стари, истуткани, пожолтени… Сето ова ми беше возбудливо, како ретко кога, иако во мојот живот сум се бавела само со креативна работа. Но најмногу ме погоди сознанието за тоа колку денес сме далеку од сето ова, во смисла на тоа какви неверојатни културни настани се случувале тука, во овој наш град, токму тука, на неколку стотини метри од местото каде што сега живеам, и тоа пред децении. Посакував да можам да се вратам назад, во оние шеесетти, седумдесетти, во времето кога моите или вашите родители, на пример, оделе во Универзална. Жално ми беше дека не можеме да се пофалиме и денес со еден таков континуитет, што речиси не` нема на светската културна мапа. Второто поразително сознание ми беше отуството на емпатија, хуманост, солидарност денес. Само замислете си го она издигнување од пепелта на уништувањето, кога Универзалната сала станува симбол на непоколебливо единство и сила што ги обединува луѓето низ светот. Вообичаено, на одбележувањето на годишни од катастрофалниот скопски земјотрес сите зборуваат за солидарноста, но таквите фрази не се показател дека таа навистина постои меѓу луѓето, дека не е изгубена вредност што се споменува само во носталгичните романтични разговори за минатото.  Денес сите треба да се запрашаме кога последен пат сме му помогнале некому, колку сме подготвени вистински да се солидаризираме со туѓата мака, колку сме вистински хумани. Или нашата емпатија е со краток здив, трае колку што трае и еден клик на вест за големите несреќи (болести, пожари, природни непогоди, војни, миграции), но и за оние индивидуалните, „мали и обични“ судбини (обесправеност по каква било основа, сиромаштија…), кои се случуваат тука, во нашето опкружување, или подалеку од нас, сеедно? Колку сме подготвени вистински да помогнеме без притоа да се пофалиме, фотографирајќи се и промовирајќи имиџ на добродетели, или без притоа да имаме каква било корист? Сѐ повеќе ми се чини дека не сме. Затоа мислам дека е важна оваа книга, дека е свовиден потсетник дека не сме сами во соочувањето со предизвиците. Освен што оваа книга ќе остане да ја раскажува историјата на овој објект во срцето на градот, како негов најпрепознатлив симбол и траен сведок на антологиски збиднувања, посакувам и да не направи подобри луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.