Околу 13 милиони денари доби прилепскиот „Завод и музеј“ за годинашниве проекти од археологијата, од музејската, од заштитната и библиотечната дејност, како и за инвестиции.
Како што објаснува Благоја Атанасоски, директор на прилепскиот „Завод и музеј“, задоволни се од поддршката на Министерството за култура. Меѓу поголемите проекти се: обновата на „Македниумот“ во Крушево, обнова на староградска архитектура во овој историски град, а ќе се работи на значајна заштита на споменици. Археологијата е задоволна со пет проекти.
За годинава имаме околу 11 милиони денари за заштита на културни споменици, еден милион денари се одобрени за музејската дејност, 300 000 денари се за инвестиции и околу 80 000 денари се за библиотечната дејност. Од поголемите проекти се: споменикот „Илинден“ во Крушево за кој се одобрени 2 милиона денари, за манастирот Трескавец, за доработка на проект се одобрени 300 000 денари. Имаме одобрени 2,5 милиона денари за автентична градска куќа во Крушево, за нејзино препокривање и за фасадата. Имаме повеќе проекти за работа, почнати лани или со години. За заштитата на големиот и вреден иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“ ни се одобрени 200 000 денари, исто толку пари се за заштита на живописот во Мелница, Мариово, а за Манастир во Мариово се одобрени 300 000 денари. Од археологијата годинава се пет проекти: продолжуваат работите на античкиот локалитет Стибера, на локалитетот Прилепец, за Македонските гробници, за локалитетот Долиште. Годинава ќе се заштитува и храмот на богињата Тихе во Стибера, вели Атанасоски.
Посебно внимание предизвикува поставката на Роднокрајното музичко творештво, катче во прилепската Галерија на икони со експонати на познати музички имиња од Прилеп со ненадминлива слава во земјава и во регионот.
Имаме средства за поставката за Роднокрајното музичко творештво. Веќе стапивме во контакт со познати музичари со потекло од Прилеп, но познати на македонската и пошироката јавност во регионот. На пример Кевсер Селимова, од дуетот Селимова-Желчески, од која добивме и бесценети експонати: награди, плакети, златни и сребрени плочи од Југотон, а откупивме и предмети од прилепски флејтист. Контактираме со повеќе музичари кои излегле од Прилеп. Таа поставка ќе биде многу значајна и веќе има позитивен одек во Прилеп. Поставката ќе биде во склопот на Галеријата со икони, во посебен оддел, објаснува директорот на прилепскиот „Завод и музеј“, Благоја Атанасоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.