Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје гостува со претставата „Грета“ на 25 мај од 20 часот во Народниот театар Битола и во Народниот театар Штип на 26 мај, исто така со почеток во 20 часот.

Со ‘Грета’ раскажуваме приказна за театарот, за создавањето на театарски светови, за пробата и процесот, за актерите како душата на театарот, за односите на театарските уметници во еден процес. Ситуациите и ликовите што се претставени се модели земени од театарскиот свет, ликови кои што на сите театарџии ќе им бидат многу блиски и познати, а за оние кои не се во оваа професија, ова ќе биде како ѕиркање во една театарска приказна која што преку комични ситуации ќе води низ процесот на создавањето на една претстава. Сите ликови се обични луѓе со различни погледи, методи, принципи и поинаква љубов кон театарот и животот воопшто, се посочува во најавата за изведбата.

Низ претставата се прикажани осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од ‘Фауст’ и двајца актери кои што ќе зборуваат за својата професија, за магичните, но и за оние тешки моменти со кој се судира секој театарски уметник.

Театарот постоел илјадници години и ќе продолжи да постои и покрај тешкото време во кое се наоѓа, бидејќи ова е повеќе од професија, ова е начин на живот, чудна моментална магија на сцена која што не се повторува исто двапати“, се додава во најавата.

Од „Златен Елец“ посочија дека за претставата во Битола може да се резервираат билети на телефонскиот број 047 55 22 44 или на билетарницата на Народниот театар Битола, додека во Штип на телефонскиот број 070 933 002 или на билетарницата на Народниот театар Штип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.