Текстот „Власт” на Бранислав Нушиќ вечер ќе се постави на штипската театарска сцена во рамки на проектот „Нушиќ – наш современик”. Претставата по текстот на врвниот комедиограф Нушиќ во Штип ќе се гледа по речиси петнаесетина години откако претходно се играше неговата „Нажалена фамилија”. Комедијата „Власт” е трета премиера годинава на Театарот во Штип, режисер е Ѓорѓи Ризески и играат осум актери.
Мило ми е што ја работиме оваа претстава, зашто делата на Нушиќ се апсолутно актуелни и ден. Тоа е последно дело на Нушиќ и, да речам, можеби е најзрело, бидејќи колку повеќе твори, толку повеќе се истакнува неговиот квалитет. Тоа е недовршено дело и ние не го буквално довршивме, но имавме една наша креација и мислам дека тоа ќе се почувстува во претставата, рече режисерот Ризески.
Според актерите, станува збор за актуелна приказна, а пренесува и голема порака и ги вклучува емоциите. Ги поканија штипјани да уживаат во претставата.
Не само што е актуелна приказната и не дека тоа е тоа што ќе ја движи претставата, туку се емоциите. Секој од нас кога ќе се најде во таква ситуација, кога негов близок се наоѓа на власт, сѐ се менува. И тоа толку боли, бидејќи знаеме дека има еден куп проблеми. Со ова може да го кажеме и нашиот став гласно и јасно“, рече актерот Ефтим Трајчов Ѓаурски.
Актерот Милорад Ангелов додаде дека е чест и задоволство да се учествува во вакво дело режирано од, како што рече, еден прекрасен млад режисер.
Гарантирам дека публиката ќе ужива во претставата, рече Ангелов.
Центарот за култура „Ацо Шопов”-Штип со претставата „Власт” ја завршува полусезоната. Во неа учествува голем тим, од кој дел се и невработени актери избрани на аудиција. Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов” Горан Трајков е со став дека на ваков начин се подобрува квалитетот и се задоволува потребата од млади актери.
По вечерашната премиера, претставата „Власт” ќе има уште две репризи, на 20 и 28 јуни. Почетокот е во 20 часот, а влезницата чини 300 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.