Вечерва, на 2 ноември во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Тарзан“ од словенечкиот драмски авто Рок Вилчник, во режија на Александар Јовановски.

Играат: Едмонд Сотир (Тарзан), Ева Скендеровска (Џејн) и Столе Мицов како Мајк.

Костимите се на Марија Ѓоргиевска, сценографијата на Милан Несторов, музиката на Лука Тошев.

Драмскиот текст „Тарзан“ од Вилчник е црна комедија, во која комичниот ефект се постигнува со комбинирање на типизирани ликови и неочекуваните ситуации во кои се сместени.

Спокојниот и идиличен брачен живот во џунглата на благородниот дивјак Тарзан и неговата жена Џејн почнува да доживува криза кога кај Џејн се јавува здодевноста од едноличните секојдневија и од ограниченоста на можностите. Во нивниот живот се појавува хиената Мајк. Мајк е елоквентен, забавен, духовит, но и манипулативен и успева да ја заведе и да ја заслепи Џејн, подгревајќи ги нејзините апетити за луксузен и удобен човечки живот што не може да го има со Тарзан. На повидок е љубовен триаголник, што е референца за современиот урбан човек, кој интимните прашања ги сведува на трансакциски односи. Идејата за инстинктот и за разумот добива нови нијанси и секој лик-теме од овој триаголник ги открива своите мрачни страни“, најавуваат од Театар Комедија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.