Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за премиерна изведба на претставата „Артуро Уи” од Бертолт Брехт, во режија на Кендрим Ријани.
Во изјава за медиумите режисерот Кендрим Ријани посочи дека „Артуро Уи” е негова прва претстава на македонски јазик и со задоволство режира во Битола во, како што рече, „театарот со авангардна естетика”.
Богата е историјата на битолскиот Театар. Тука режирале бројни големи режисери од државата и надвор од неа, своите почетоци ги имале токму во овој театар и затоа среќен сум што сум тука и што го работев Бертолт Брехт во мојата прва претстава на македонски јазик. Претставата „Артуро Уи” е една од најфамозните на 20-от век, поставувана во многу свестски театри, а сега на мое задоволство и во Битола. Цела претстава ја изработивме според „методот” на Брехт и верувам дека публиката ќе ужива во улогите на актерите во претставата, рече режисерот Ријани.
Во претставата „Артуро Уи” настапуваат актерите Илина Чореска, Иван Јерчиќ, Никола Стефанов, Хари Михајловски, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Александар Димитровски, Петар Спировски и Александар Стефановски.
Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, асистент на режија Јован Ристовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, а композитор Тимор Доми.
Премиерната изведба на „Артуро Уи” од Бертолт Брехт во режија на Кендрим Ријани е закажана за 6 мај на големата театарска сцена „Благој Стефановски-Баге” во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.