На 6 мај, во 18 часот, на Саемот на книгата, во промотивниот центар во салата „Борис Трајковски“ гостин ќе биде познатиот чешки писател, издавач и новинар Мартин Вопенка (Martin Vopěnka), автор на делото „Заспаниот град“, што се објави во издание на „Бата прес“. Делото од чешки на македонски го преведе Мирјана Наумовски (Мими Наум). Објавувањето на преводот на делото беше поддржано од ЕУ и Секторот за евроинтеграции на Министерството за култура во рамките на проектот „Отворени книги, отворени граници“, во кој се објавуваат десет книги од десет различни европски земји.

Еден ден, двете братчиња, петнаесетгодишниот Кристофер и малиот Самуел и сестричките близначки  Ема и Кристина се будат во свет во којшто сите родители се длабоко заспани. Целиот свет страда од мистериозен феномен со кој ниту децата ниту возрасните не можат да се справат. Нема електричната енергија, нема вода, а уличните банди прават пустош во градот, обидувајќи се да ја искористат ситуацијата. Што е уште полошо, малиот Самуел е киднапиран од непознат маж! Браќата и сестрите, навикнати на сите удобности и родителска љубов, мора да се помират со тоа и да се обидат да преживеат. Со надеж дека нивните родители ќе се разбудат наскоро, тие брзо созреваат во светот што полека се распаѓа и станува див…

Во „Заспаниот град“ (Spící město, 2019) првиот дел од трилогијата, авторот Мартин Вопенка прикажува опасен свет во кој децата мораат сами да се борат за својот опстанок. Ова е прв дел од трилогијата. Како што истакнува авторот Вопенка во интервјуто „овие дела нè учат колку е важно да се држиме заедно, да си помагаме и да не се откажуваме.“

Пред доаѓањето во Скопје, Мартин Вопенка имаше видеообраќање до љубителите на книгата и даде интервју за печатените и електронските медиуми. По сценарио од книгата „Заспаниот град“ снимен е и филм во кој една од главните улоги игра синот на писателот.

Мартин Вопенка е роден е на 8 септември 1963 година во Прага. Сопственик е на издавачката куќа „Прах“. Тој ја освои наградата „Златен венец“ за најдобра литература за млади во 2016 година за книгата „Новата планета“. Негови книги се објавени на англиски, полски, руски, арапски, романски и македонски јазик.

Автор е на книгите „Камењата на планините“, „Бајки од ветровитите планини“, „Крај на законот“, „Мојот пат до никаде“ „Петтата димензија, „Заспаниот град“, „Заспаната праведност „Заспаната тајна“, „Безбојни спомени“, „Нова планета“, „Мојот брат, месијата“ и многу други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.