На малата сцена на Театар Комедија вечерва во 20 часот премиерно ќе биде прикажана пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка меѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше три месеци.

Среќен сум што во Театар Комедија најдоа некаква кореспонденција со денешното време во мојот дамнешен текст, кој на прв поглед е нешто сосема поинакво од времето кога е создаден. Ова мало парче го напишав во време кога во Европа паѓаа последните диктатури, заедно со мојата бесмислена желба да ги контролирам луѓето, вели словенечкиот писател и драматург Јанчар.

Режисерката Сибел Авдиу изјави дека делото „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот.

Во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.

Бекетовата апсурдност на постоењето во мојот скромен одговор е сведена на двајца сиромашни луѓе, кои се изгубени во просторот и времето во својот „бизнис“. Во тоа време, никогаш не можев да замислам дека во новата дигитална ера овој надзор на сите нас ќе стане бескрајно поинтензивен, дека ќе дојде време кога сите ќе бидеме изложени на надзор на Големиот брат на новата технологија на секој момент. Затоа моето возвраќање до Годо може и денес да остане како малку комично и малку трагично предупредување за апсурдноста на секое надгледување над животот, кое одново и одново бега од тој надзор на илјада иронични начини, додава Јанчар.

Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.