На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва во 20 часот е закажана долго најавуваната премиера на „12“, претстава работена во режија и адаптација на Синиша Евтимов.
Претставата е распродадена до февруари, а е работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз и е посветена на Мирко Попов, соработник на МНТ и еден од основачите на ПМГ Колектив, чија музика е употребена во претставата.
Во претставата играат 12 актери од повеќе генерации: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).
Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.
Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.
Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев. Претставата е наменета за возрасна категорија 16+.
Евтимов е театарски режисер чии претстави се едни од најгледаните на домашната сцена. Во моментов во МНТ се уште се играат неговите „Мој термин“ (2019) и „Не се клади на Енглези“ (2014), а негови се уште и „Сомнително лица“ и „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, кои исто така се играа во националниот театар. Работи и во Театар Комедија („Илуминати“, „Ало, ало“, „Стјуардеси“, „Вардарски пастуви“, „Чао пријатно“, „Жена ми се вика Борис“), а соработува и во струмичкиот театар „Антон Панов“ каде што ја постави „Стилист“, во велешкиот „Четири соби“, во Турскиот „Кројач за дами“…
Мирко Попов беше негов соработник во ПМГ колектив, кој почина на 51-годишна возраст на 24 март годинава. Тој беше еден од пионерите на електронската сцена во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.