Во Културно Информативниот Центар – Скопје, во салонот Империјал 1, денеска, на денот на ослободувањето на градот, 13 Ноември, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Орце Нинески. Отварањето на изложбата е планирано за 20 часот, а на неа, преку 20-тина платна со различен формат, ќе бидат презентирани актуелните преокупации на авторот.

Роден во 1978 година во Скопје. Има завршено историја на уметност со археологија на Филозофскиот факулет во Скопје. На истиот факултет има и магистрирано Историја на модерна уметност. До 2017 година работи во Музејот на Македонија како кустос по фрескоживопис, по што целосно се посветува на сликарство. Неговото обемно дело поделено во повеќе циклуси е присутно во голем број колекции кај нас и во странство.

Орце Нинески во последните неколку години, паралелно со сликарството, активно се занимава со изработка на илустрации за сликовници за деца успешно соработувајќи со издавачот Арс Ламина – публикации, за едицијата Нови бајки од Македонија и Љубов на прв збор со публикациите „Сончевото момче Ил“, „Океанија“ и „Коњчето од рингишпилот“.

Со Нинески разговаравме за неговите инспирации, илустрации, културното наследство, состојбите во уметноста, омилените автори…

Во КИЦ-Скопје вечерва се отвора Ваша самостојна изложба насловена „Табли“. Што донесува Вашето најново творештво?

Сметам дека оваа изложба претставува синтеза од се она што досега сум го работел, со акцент ставен на циклусот „Табли“ и варијации конкретно произлезени од него. Ќе бидат изложени 20-тина апстрактни дела чие далечно потекло води кон некои мои лични и директни искуства со нашето културно наследство, пред се ѕидното сликарство и иконите. Тука е направен обид индиректно да се преточи надреалната атмосфера креирана во депоата на музеите или пак конзерваторските работилници, со целосна почит кон нашите ремек дела од минатото, т.е. да ги преведам и претставам во една поинаква природа.

Што е за Вас најголем предизвик при создавање на едно дело?

Најголем предизвик при создавање на едно дело претпоставувам дека би бил самиот процес т.е самото сликање да го направам што поинтересно и што поблиску да дојдам до замислената слика. Да се приближам колку можам повеќе до универзалната убавина и строгост на уметноста од минатото и да ја претставам во една лична надреално-апстрактна композиција. Мора да споменам дека како историчар на уметност, сакал или нејќел, уметноста од сите периоди пред се византиската, врз мене извршиле големо влијание и сето тоа свесно и намерно се трудам да биде и видливо и истовремено доволно прикриено.

Во Вашите дела може да се види наследството и на македонската и на светската уметност изразено на современ и уникатен начин. Како се создава едно дело?

Навистина би бил среќен ако барем малку сум успеал во оваа симбиоза. Најчесто се трудам целата постапка да се одвива спонтано, поставувајќи повеќе слоеви боја еден врз друг, постепено одземајќи одредени делови. Со секој поставен слој го повторувам скицирањето на посакуваната содржина и тоа на најразлични начини, со исцртување, со гребење, со текстура и сл. Сите тие слоеви проникнуваат еден во друг, се препокриваат и се надополнуваат. Притоа самиот процес на создавање на делото, т.е. сите негови етапи се трудам да бидат вклучени и јасно видливи во финалниот изглед на сликата, колку и да се тие „грешки“, непрецизно исцртани контури или пак „трапави“ прскања на боја. Постојаната акција на рекомпонирање постепено преминува од несвесно во контролирано, мунициозно формулирање на сликата. Целата постапка ферментира со исликување на загадочните реалистични детали кои и придаваат одредена метафизичка стимпанк атмосфера. Ваквиот пристап го спроведувам во акрилна техника на платно без користење на несликарски материјали.

Ликовниот критичар Владимир Величковски во предговорот на каталогот за изложбата упатува на Вашиот афинитет кон Ротко и Кле. Па дали се тоа Ваши омилени автори? Кој е Ваш омилен автор?

Точно е дека обоеното поле на Ротко и геометрискиот пристап на Кле извршиле пресудно влијание на моето дело и истите несомнено се видливи во него. Точно е и дека тие претставуваат уметници на кои им се восхитувам, сепак сметам дека на мене истовремено влијаеле и голем број други, посебно актуелни уметници како: Кол Морган, Пол Белмер, Герардо Р. Каро, Мирослава Раковиќ и др.

Паралелно со сликарството, активно се занимавате со изработка на илустрации за сликовници за деца. Каков е пристапот за овој вид творештво, бидејќи тоа е неизбежен и еднакво важен дел на книгата за деца кој треба да го заинтригира детето да поставува прашања, а возрасниот да го замисли за некои прашања ?

Сосема случајно пред неколку години започнав со илустрација, конкретно со илустрации за детски сликовници, со конкурсот на Арс ламина и Браво сине, за илустрирање на Нови бајки од Македонија. Ја добив шансата да го илустрирам „Сончевото момче Ил“ и навистина уживав во предизвикот, се разбира ако се земе предвид дека се работи за апстрактен сликар кој штафелајот накратко го заменува со дигитална илустрација. Веднаш следеа: „Коњчето од рингишпилот“, по текст од Јован Стрезовски, за која добив и трета награда на последниот саем на книга, Океанија со текст на Мартин Миљев и во моментов работам на уште неколку сликовници, од кои би ја издвоил големата книга за деца „Современи бајки од Македонија“, што допрва ќе излезе.

Сакам кога илустрирам да бидам што поинтересен за децата и истовремено да создадам визуелно богати карактери кои ќе останат во нивната долготрајна меморија. Децата кои од најрана возраст читаат сликовници, стануваат деца пред кои постои шанса да си ги прошират видиците, деца кои размислуваат, мечтаат и прашуваат. Токму тој е исправниот или креативниот пат по кој сметам дека едно дете треба да прерасне во човек.

Извесен период работевте како кустос за фрескоживопис. Имаме непроценливо црковно богатство. Каква е состојбата со неговата заштита?

Јас сум одамна излезен од Музејот на Македонија, мислам од 2017 година и не знам колку можам да бидам релевантен во одговорот. Посебно затоа што во меѓувреме се случи пандемијата и економската криза предизвикана од војните во Украина и Палестина. Вистина е дека имаме непроценливо уметничко црковно богатство и проблем понекогаш претставува дури и неговиот габарит, кога ќе се земе предвид дека од година во година стануваме се посиромашна земја. Континуираната и долгогодишна запуштеност на културното наследство бара час поскоро да ни се случи чудо. Од осамостојувањето, како и во секоја друга област на нашево живеење, на пример здравството, образованието и сл, се соочуваме со истите проблеми, немање соодветен стручен кадар, превработеност со некомпетентни вработени, партиски изживувања особено со највредните и најчесните со цел што побрзо да се иселат или напуштат, стриктното партиско инсталирање на раководен кадар со многу ретки исклучоци, оскудни и неплански инвестирања во чувањето и заштитата и незнам до каде можам да набројувам. Стравувам дека веќе ја пропуштаме и последната шанса да го спасиме нашето културно наследство.

Што е за Вас уметноста? Дали е доволно ценета? Доволно гласна? Сметате ли дека Скопје е град во кој живее уметноста?

За мене лично уметноста претставува слобода и начин на живот. Уметникот не би требало да страда и да се жали поради некакви си тешки времиња, земајќи во предвид дека вистински ремек дела се родиле и во далеку потешки и посиромашни времиња (Орсон Велс). Од перспективата на уметникот, уметноста никогаш нема да биде доволно ценета. Наше е да успееме да ги искористиме сите придобивки на новиов век и да бидеме колку можеме пооргинални, позајадливи и подостапни да глобалната јавност, можност која нашите претходници ја немале или пак многу тешко ја реализирале.

Јас како штафелаен уметник кој моментално е преокупиран со циклусот „Табли“ не знам дали воопшто можам да бидам доволно гласен, но секако можам постојано да се борам за слободата на уметничкото изразување, за поголема ангажираност на уметниците, поголемо присуство на уметноста во секојдневието и подобрување на нејзините квалитети. Истовремено сум радосно изненаден од големиот број културни настани и иницијативи кои се случуваат секојдневно и се редовно и задоволително посетени од младите, но разочаран сум од летаргичната атмосфера проследена со целосна маргинализација на било каква културна појава во медиумите освен ако нема скандалозна нота или пак ако не претставува некаков си егзибиционизам. Нашето деноноќие, за жал, е исполнето со бижутерија, сапуници и вести за споредни и најнебитни работи кои постојано се препакуваат во ексклузива, постојано се градат изопачени вредности, додека уметноста е целосно игнорирана, освен ако не е „турбо“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.