Изложбата „12 плус еден“ на Сашо Димоски се состои од тринаесет портрети од кои 12 мажи и една жена.
Портретна фотографија е една од темите на кои Сашо се навраќа во последниве десеттина години, и преку поединечни фотографии и преку изложби поставени како во виртуелниот, така и во реалниот простор. Овде, дванаесетте црно-бели фотографии со димензии 70Х50 см ги прикажуваат лицата (и понекоја биста) на повозрасни мажи, распоредени околу централната, поголема фотографија (100Х70см) на една повозрасна жена. Мажите ни се помалку или повеќе познати – тоа се луѓе од најразлични земји кои зад себе имаат долг минат труд во различни области на културата (фотографија, танц, книжевност, сликарство). Тука се, на пример, српскиот
фотограф Томислав Петернек (1933), францускиот сценарист и актер Жан Клод Кариер (1931 – 2021), сирискиот поет Адонис (1930), босанскиот поет и писател Абдулах Сидран (1944)… Централниот женски лик пак, е еден од најпрепознатливите во нашиот македонски културен контекст: писателката Оливера Николова (1936).
Се чини дека овие портрети предизвикуваат емотивна реакција кај гледачите поради начинот на кој се направени како и поради пристапот кон своите субјекти. Тука е пред сè одлуката да се прикажат лица во напредната возраст, во црно-бела техника. Тие лица се насликани со огромниот спектар од сиви нијанси што постои меѓу двете небои, меѓу црното и белото, меѓу сенките и светлината.
Фотографот решил дека ниедна друга боја не смее да се испречи меѓу него и субјектот на неговата фотографија, за овој вториов да го соголи до самата суштина на моментот забележан на фотографијата, ќе забележи Елизабета Баковска во текстот кон изложбата.
Портретите во оваа изложба се промислено организирани околу симболиката на броевите дванаесет и (плус) еден. Употребата на јасната библиска алузија на Исус и неговите дванаесет
апостоли во вонрелигиски контекст секогаш, па и овде, има одреден политичкопровокативен, речиси еретички полнеж.
Тринаесетте портрети во изложбениот простор функцинираат како посебни фотографии, распоредени речиси како иконостас, додека лесно се забележува дека секој од нив е направен во посебно време и на посебен простор. Централната позиција на жената, на едната, единствената меѓу нив, во проектот внесува и дополнителна феминистичка компонента. Избраната е онаа што го шири зборот, а сепак на портретот замислено ја покрила устата, како да се сомнева дека го заслужила токму тоа место, потенцира Баковска.
Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.