Промоција на книгата „Еврејска работа“ од полскиот писател Миколај Гринберг, во издание на „Или-или“, e закажана за 18 август, во 20 часот, во „Буква“. Миколај Гринберг ќе присуствува на промоцијата на неговата збирка раскази.
Тоа е книга што имаше прекрасен прием во матичната земја и за која нобеловката Олга Токарчук потенцира: „Овие мали проникливи прози истовремено се трогателни и вознемирувачки. Доколку дијагнозата е точна, имаме голем проблем во Полска“.
Преводот од полски на македонски јазик е на Лидија Танушевска, а излегувањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Книгата ќе ја промовира писателката Лидија Димковска.
„Еврејска работа“ ја сочинуваат кратки трогателни приказни за полските Евреи, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска. Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината. Книгата е составена од кратки монолози, во кои карактерите се Евреи, христијани, атеисти, од сите средини и сфери на животот. Секоја од приказните е трогателна и интензивно лична, претворена во кристална проза. Во овој клучен момент за еврејскиот живот во Полска и во целиот западен свет, со будењето на старите духови на антисемитизмот, кои повторно се појавуваат во јавната дебата, и каде што слободата на говорот е под закана, се издвојува чистиот и разумен глас на Гринберг. Неговото дело ги разоткрива длабоките корени на системскиот антисемитизам, притоа нагласувајќи колку секојдневието станало отпорно на него, што не е едноставно за анализа. Книгата доби одлични критики и влезе во потесниот избор за престижната книжевна награда „Нике“ во Полска.
Миколај Гринберг (1966) е фотограф, писател и обучен психолог. Неговата книжевна работа се фокусира врз усните истории на различни генерации полски Евреи во втората половина од дваесеттиот век. Објавил три збирки со „разговори“ базирани врз овие лични (и)стории: „Преживеаните од 20 век“ (2012), „Го обвинувам Аушвиц: семејни приказни“ (2014) и „Книгата на егзодусот“ (2018).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.