Во последно време сè повеќе размислувам дека единствените машки писатели што ми се допаѓаат се феминистки во нивното пишување и размислување. И тоа е толку секси и толку добро што надежта за ‘храбриот нов свет’ во мене повторно се раѓа, вели во интервју за „Република“ бугарската писателка Рене Карабаш, која е гостинкка на 12. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ кој почнува вечерва во 20 часот во Даут Пашин амам во Скопје.

На македонската читателска публика Карабаш ѝ е позната преку делото „Остајница“, за кое таа доби престижни награди, а во разговор за „Република“ вели дека корицата на романот преведен на македонски јазик ѝ е една од најомилените.

Рене Карабаш (Ирена Иванова, 1989) е наградувана писателка, актерка, сценаристка и поетеса. За нејзината главна улога во филмот „Безбожник“, таа освои голем број награди за најдобра актерка на европските фестивали: „Сребрен леопард“ во Локарно, „Алуминиумски коњ“ во Стокхолм, „Срцето на Сараево“ итн. Дебитантскиот роман на Рене „Онаа што останува“ ја доби престижната книжевна награда „Елиас Канети“ и била номинирана за наградата Роман на годината и Националната книжевна награда „Перото“.

Во декември 2023 година, францускиот превод на романот од страна на Мари-Вринат Никлов беше награден со Француската ПЕН награда. Англиски извадок од насловот беше награден со наградата за превод на Gulf Coast Journal за 2023 година. „Таа што останува“ веќе е објавен на арапски, француски, полски, босански и македонски јазик, а правата се продаваат во Бразил, САД, Италија, Србија и Грција. Во тек е киноадаптација на романот. Филмот ќе се снима во 2025 година во копродукција со Албанија, Германија, Италија и Романија.

Рене е сценарист на драмската серија „Ние, брановите“, што в година ќе се прикажува на Бугарската национална телевизија. Таа е основач на „The Rabbit Hole“ – академија за креативно пишување, која ги прибира како предавачи некои од најистакнатите писатели во Бугарија.

Ирена Иванова, родена 1989 година, сега Рене Карабаш, е поетеса, наградувана писателка, позната актерка, драматруг, која пишува сценарио за нова тв-серија. Со која Рене ви е најпријатно да се дружите?

КАРАБАШ: Сакам да комуницирам со која било Рене од наведените. Но, ми се чини, најмногу сакам да комуницирам со таа Рене која стои зад секоја од нив. Таа е раката што се лизга во овие различни ракавици и создава преку нив. Оваа Рене ми е омилена и најважна.

Каков е вашиот став за тоа дали литературата може да се дели на машка и женска? Односно дали сметате дека постои таканаречено женско писмо? Треба и уметноста да има такви поделби?

КАРАБАШ: За мене уметноста не треба да се дели на машка и женска. Мора да биде андрогена, како самиот Бог, кој во себе носи машка и женска енергија. Секој писател мора да ги совлада овие две креативни енергии во себе и да знае како да ги користи. Поделбата на литературата, уметноста, на машка и на женска ја омаловажува до ниво што автоматски ѝ ја одзема нејзината длабочина: ‘Ова е напишано од жена, ова е напишано од маж’. И? Според мене, најважно е дали текстот има  божествена енергија во себе и дали го допира читателот. Ова е единствениот критеритум според кој мора да дефинираме едно дело.

Зошто Рене Карабаш? Како го одбравте ова име? Има ли некаква приказна?

КАРАБАШ: Карабаш е презимето на мајка ми. Таа ми раскажуваше многу за мојот прадедо Карабаша, кој стопанисувал со стотици декари шума и вршел многу важна работа. Кога мајка ми се омажи за татко ми, го зеде неговото презиме и нејзиното семејство беше заборавено. И, како на шега, решив да го земам ова презиме како писателски псевдоним, а и како симбол на оние предци кои живееле пред мене и кои верувам дека ќе ми помогнат. А Рене се појави кога се вратив од Франција, каде што студирав. Моите пријатели почнаа да ме викаат Рене и така се роди Рене Карабаш.

ПРО-За Балкан кој се одржува по 12. пат во Скопје се етаблираше како еден од најзначајните Фестивали во регионот кој го следи пулсот на времето во кое живееме. Гостите внимателно одбрани, секој мајстор во пишувањето. Што очекувате од ова издание на Про-За Балкан?

КАРАБАШ: Многу слушав за овој Фестивал и знам дека секоја година собира големи писатели, издавачи и агенти од целиот свет и регионот. За мене е вистинска чест што сум дел од фестивалската програма. Очекувам да запознаам интересни писатели, издавачи. Некои ги знам од други фестивали на кои сум била, некои не ги познавам, но најважно е што ќе бидам дел од нешто што нè зближува како луѓе, а не нè разделува.

Вашето најпознато дело „Остајница“ за кое добивте многубројни престижни награди е преведено на македонски јазик. Како ви оди соработката со македонските издавачи? Може ли да очекуваме нов превод на некое од вашите дела?

КАРАБАШ: Исклучително сум среќа што Михајло Свидерски е мојот македонски издавач и преведувач на мојот роман. Освен што е добар издавач и преведувач, Михајло е и многу добар писател, што е голем плус, особено за преведување на книга како мојата, напишана како една долга поема. Овде првпат споделувам дека корицата на македонското издание на мојот роман, е една од моите омилени корици некогаш објавени. Може да кажам и најомилена. Се надевам дека „Остајница“ ќе допре до срцата на македонските читатели и наскоро и други мои дела ќе бидат објавени на македонски јазик.

Про-За Балкан ги слави различностите на писателите во регионот и идејата е дека различносите треба и не привлекуваат, а не не одалечуваат. Што мислите Вие?

КАРАБАШ: Апсолутно се согласувам. Има доволно итни прашања и конфликти кои можат постојано да нè отуѓуваат и разделуваат. А моќта на литературата е токму во ова – да гради мостови меѓу луѓето, а не да ги уништува. Добро е да се организираат вакви настани и фестивали кои прикажуваат различни уметници по пол, раса, националност, сексуалност итн бидејќи различноста го прави светот поубав и побогат. И кога сите овие ‘различни’ луѓе ќе се соберат на едно место, разбираме колку сме сите исти. На крајот на краиштата, сите сме направени од ѕвездена прашина. И ќе бидеме прашина еден ден.

Треба ли писателките да ја скратат косата, да дадат заклетва и да облечат машка облека за да се чуе нивниот глас во светот на книжевноста?

КАРАБАШ: Не. Тие треба да пишуваат со својата женска ранливост за оние кои тоа го прават, а со тоа сакаат да станат еднакви со мажите. Покрај тоа што се збунети писателки, тие треба да бидат и активни граѓанки кои слободно зборуваат и пишуваат за родовата нееднаквост. Жените имаат многу работа со правата кои толку долго им биле ускратувани. Затоа треба да разговараме. И феминистките не треба да се гледаат како бесни жени со хормонални проблеми подготвени да го убијат секој маж што ќе им се најде на патот. Напротив. Целта на феминизмот е да го врати местото на жената, а тоа не е ни над ни под мажите. Во последно време сè повеќе размислувам дека единствените машки писатели што ми се допаѓаат се феминистки во нивното пишување и размислување. И тоа е толку секси и толку добро што надежта за ‘храбриот нов свет’ во мене повторно се раѓа.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.