Шестото издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера” ќе се одржи од 15 до 18 мај под мотото „Летаме заедно’“ во Младински културен центар.

Во среда (15 мај) напладне ќе биде отворен саемскиот дел на Фестивалот, а свеченото отворање е закажано за 19 часот, по кое следува музичка програма.

Оваа година земја во фокус на Литера ќе биде Турција, од каде како гости на Фестивалот доаѓаат Гизем Ѓозде Учар, Зејнеп Севде Паксу, Серхат Албамја и Мурат Калкаван, илустратори и автори на книги за деца. Гизем Ѓозде Учар во четврток ( 16 мај) ќе одржи мастер клас во 10 часот, а два часа подоцна е закажана средба со авторката Зејнеп Севде Паксу, чија домаќина ќе биде Александра Тодоровиќ . Во петок (17 мај) во 10 часот работилница за илустрација ќе одржи Серхат Албамја, а два часа подоцна ќе биде претставено творештвото на Мурат Калкаван, кој истиот ден во 18 часот ќе одржи работилница за деца од 8-12 годишна возраст.

Гизем Ѓозде Учар, авторка и илустраторка, има впечатлива кариера и влијателно присуство во светот на литературата за деца во Турција. Нејзините книги не само што забавуваат туку и ги образуваат малите умови, поттикнувајќи ги на креативност и размислување. Со долгогодишно искуство и многу книги во нејзиното портфолио, Гизем Ѓозде Учар претставува еден од најзначајните современи гласови во литературата за деца. Таа ќе одржи мастерклас на 16 мај во 10 часот наменет за илустратори и студенти.

Серхат Албамја е роден во Бурса во 1985 година. Илустрирал детски книги и цртал за месечни детски списанија. Откако имал одредено искуство во изработка на содржини за детски медиуми, напишал и режирал неколку анимирани проекти. Homur & Gumur се емитуваше во различни земји, а некои од неговите книги беа преведени на различни јазици. Сега работи во компанија за мобилни игри и пишува нови приказни за деца.

Мурат Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги.Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил.Калкаван го изразува својот свет нагласувајќи ги живописните бои и хумористичните елементи во неговите илустрации и го комбинира овој пристап со различни техники и уникатни карактери. Продолжува да работи од неговото студио во Скопје. Неговото творештво ќе биде промовирано на 17 мај во 12 часот. Гостинка на фестивалот ќе биде и турската писателка за деца Зејнеп Севде, со која публиката ќе може да се сретне на 16 мај во 12 часот.

Ние сме многу горди што стигнавме до шестото издание на Литера, проект кој го започнавме група ентузијасти во 2018 година. Овој фестивал е израз на нашата преданост кон креативноста и културното наследство, а оваа година ние го прославуваме во Младинскиот Културен Центар, каде овој настан најмногу припаѓа, на младите. За прв пат, во рамките на Литера, навистина сме возбудени да најавиме и Меѓународно Биенале на илустрација што ќе се одржи следната година. Освен тоа, во склоп на годинешната Литера ќе има и Саем на литература за деца, една идеја што природно се вклопува во концепцијата на фестивалот, бидејќи публиката го бара тоа.“ – изјави Софија Семенпеева Трајановска, директор на фестивалот.

Организаторите на Фестивалот, соопштија дека годинава за  прв пат во рамките на фестивалот ќе биде организиран Саем на литература за деца, каде македонските издавачи ќе имаат можност да ги претстават своите најнови изданија. Освен тоа ќе се организираат средби со автори, промотивни активности, работилници, мастеркласови и панел дискусии на интересни теми.

Наташа Андонова, уметница и илустраторка на книги за деца, која ја доби наградата за најдобра илустрација на „Литера“ минатата година, се потпишува зад креацијата на плакатот за шестото издание на „Литера”.

Таа ќе има самостојна изложба на илустрации, како уметник кој учествувал во создавањето на повеќе книги за деца. Андонова, со својата уникатна техника и визија, претставува извонреден пример за креативност и талент. Нејзините илустрации за деца се вистински визуелни поетски дела, кои ги оживуваат приказните и ги претвораат во вистинско литературно патување.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.