Со изложба на уметнички слики од Марија Светиева, синоќа во Кавадарци започна 27 издание на Ликовната колонија ,,Михајлово 2023″. Ликовниот уметник Владимир Темков, куратор, рече дека колонијата стана препознатлива и остава белег во ликовната уметност. Дваесет и пет уметници од повеќе држави наредните неколку дена ќе творат во вила ,,Моклиште” и прекрасната околина.

Настанот е во организација на Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе”, со поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа.

Директорката на културниот дом, Јулијана Туриманџова проговори за животот и делото на Светиева,член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, нагласувајќи дека станува збор за авторка со многу изложби и награди, која извесно време живеела и работела во Рим, Италија.

Секое нејзино дело зрачи убавина, но не убавина сама по себе, туку најчесто убавина што ја креира, што ја создава, или барем што ја пресоздава авторот. Во нејзините визуелни импресии е втисната блага доза на рефлекија и многу напор за логичка разгатка на согледаното, со припомош на митскиот начин на мислење, додаде Туриманџова.

Настанот беше збогатен и со музика.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.