Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) соопшти дека почина сликарот Таки Павловски, долгогодишен член на Друштвото.

ДЛУМ и македонската ликовна сцена изгуби голем сликар, мајстор во својот виртуозен ликовен идентитет. Последен пат се сретнавме на промоција на неговата монографија кој тој ја промовираше во Музејот на Град Скопје. Лично ми се заблагодари за моето присуство кое беше надополнето со моите студенти. Имаше ведар лик исполнет со добрина и голема емпатија кон луѓето. Ќе го паметам и како близок пријател на моето семејство, ќе ги паметам нивните теми и разговори за „егејските теми и патешествија, објави Јана Манева – Чупоска, претседателка на ДЛУМ.

Таки Павловски е роден во 1939 год. во костурското село Желино. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година.

Бил на студиски патувања во Будимпешта, Москва, Киев. Во 1975 година престојувал во Париз како стипендист на француската влада, а во 1995 и 1990 година престојува во македонското ателје во Париз.

Член е на ДЛУМ од 1967 година. Има реализирано мноштво самостојни изложби во земјава и странство, учествувал на повеќе групни изложби и ликовни колонии и е добитник на повеќе награди за сликарство, меѓу кои и Гран при на ДЛУМ, I Зимски салон (1992) и Награда за сликарство 11-ти Октомври (1998).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.