На 97 години почина доајенот на македонската ликовна уметност, скулпторот Илија Аџиевски.

Илија Аџиевски е роден во Струга во 1926 година. Академија за ликовна уметност завршил во Загреб во 1954 година, во класата на професорот Франо Кршиниќ.

Бил учесник во НОБ (1942). Автор е на Споменикот на паднатите борци во Струмица (1959), Мавзолејот на паднатите борци во Кратово (1962), Споменикот на братството и револуцијата во Дебар (1989), во Неготино и др.

Имал повеќе самостојни изложби: Струга (1965), Битола (1966), Велес (1967), Скопје, (1991, 1994 и 2001) и Париз (1997). Ниш, Белград, Тузла, Загреб, Подгорица, Софија, а учествувал на над сто групни изложби. Добитник е на значајни национални и меѓународни награди.

Неговите скулптури имаат реалистички и експресионистички обележја. Посебно значајни се скулптурите-портрети на неговите современици Петре М. Андреевски, Георги Божиков, Борко Лазески, Тодор Николовски, Анте Поповски, Петре Прличко, Димитар Солев, Глигор Чемерски и други познати македонски современици.

Илија Аџиевски спаѓа во редот на најзначајните современи македонски вајари.

Неговата последна изложба „Портретот во фокус“ беше отворена лани во октомври во Националната галерија во Даут пашин амам во Скопје.

Погребот е закажан за среда на 25.10.2023 година во 14.00 часот, на градските гробишта во Струга.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.