На 30 јуни 2022 г., во Скопје, по кусо боледување, во 91-та година од животот, почина писателот Душко Родев – романсиер, раскажувач, драмски писател и сценарист.
Душко Родев е роден на 17 април 1932, Скопје. По образование беше филолог – романист, работел како новинар, слободен репортер, дописник, но и како уредник во издаваштво. Тој беше раскажувач на човекови судбини, на приказни исполнети со иронија и апсурди. Наградуван беше на анонимни конкурси за расказ и со наградата на дневниот весник Утрински весник „Роман на годината“. Родев е автор кој беше премолчуван, дури и забрануван во времето на социјализмот. Последниве десетина години вниманието кај читателите го привлече со двата последни романа – „Човекот што ги сакаше калинките (награда „Роман на годината)“, кој имаше три изданија, и „Во очекување на Нобеловата награда“ кои беа преведени на неколку јазици (српски, бугарски, руски, украински…)
Овој автор претставува неодминлива фигура на македонската литература на XX и XXI век – автор чие творештво во овој миг веќе е сериозен предизвик за нови читања и вреднувања и допрва да се одреди неговото вистинско место во македонската литература.
Родев е автор на книгите: „Беспатици“ (роман, 1963), „Враќање кон црвената земја“ (роман, 1969), „Еребици во каменестиот пејзаж“ (роман, 1974), „Зелена боја по дождот“ (раскази, 1977), „На снегот, со Олја“ (раскази, 1981), „Разговори со Дојрански“ (роман, 1983 – на српски, 1985 – на македонски јазик), „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“ (роман, 1988), „Здраво седма сило“ и „Првиот ешалон“ (драми, 1991), „Косови, зиме“ (раскази, 1998), „Цветот на дивата роза“ (роман, 2005) и „Човекот што ги сакаше калинките“ (роман, 2010) и „Во очекување на Нобеловата награда“ (роман, 2014).
По негово сценарио е снимен ТВ-филмот „Дивеч за отстрел“ (1992).
Уште за време на студирањето работел како новинар на „Нова Македонија“, од каде преминал во Македонската радио-телевизија, каде што бил уредник во Драмската редакција. Од таму замина во пензија.
Душко Родев беше погребан вчера, во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.