Во 87- та година од животот вчера почина Љубен Баткоски долгогодишен директор на Охридско лето ( 1982- 1996), еден од основачите на Фестивалот и член на тогашниот Совет и комисиите на Фестивалот.

Баткоски ќе остане запишан во фестивалската историја на Охридско лето како човек чиј несомнен интелект е вграден во основањето, развојот и опстојувањето на Фестивалот.

Спонтаноста љубовта ентузијазмот беа меѓу атрибутите со кои во Фестивалот во целиот развоен период се вградуваа голем број вљубеници и поддржувачи искрено приложувајќи ги своите стручни, организациони и други способности. Предничеа уметниците, музички и драмски, новинарите и други, кои вклучени во Советот и стручните тела на Летото како волонтери ја градеа и надградуваа програмската концепција, настојувајќи истата да биде израз на дострелите на нашата култура и да се биде во чекор со постигнувањата на културите на другите народи во Европа и светот“, вели Баткоски во неговиот запис во фестивалската монографија на Охридско лето.

Во своите сеќавања и запишани мемоари Баткоски раскажува за почетоците и растежот на Фестивалот Охридско лето.

„Охридско лето“ се роди спонтано и од љубов. Со голем емотивен набој, својствен на вистинските уметници, Ана Липша-Тофовиќ во една посебна прилика кажа дека на 4 август 1961 година со првиот концерт во црквата Света Софија почувствувала дека „се раѓа нешто големо и нешто што ќе трае“. Пророштвото, на големо задоволство на сите поддржувачи на идејата-се оствари. Се удрија темелите на Фестивалот Охридско лето,  високо вреднуван кај нас, во Европа и пошироко“ кажува Баткоски.

„Охридско лето жали што замина голем човек кој со неговите дела остави траен печат во историјата на Фестивалот. Ни овозможи да ја славиме врвната уметност,  да и се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Неговото име ќе остане вечно запишано во фестивалската историја на Охридско лето. Вечно ќе му бидеме благодарни што својата професионална дејност несебично ја  вгради во основањето, развојот и афирмацијата на оваа врвна македонска културна манифестација“, велат од Охридско лето.

Љубен Баткоски е роден на 6-ти јануари 1935 година во Охрид. Во 1958 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата Југословенска книжевност. Во неговата професионална кариера има работено како спикер во Радио Скопје, раководител на катедра при Работничкиот Универзитет во Охрид, управник на Домот на културата во Охрид, началник на Одделението за општествени дејности при Собранието на Општина Охрид, дописник на весникот „Нова Македонија“ и претседател на Собранието на Општина Охрид.

Баткоски за својот придонес во развојот на Фестивалот Охридско лето е одликуван со Орден заслуги за народ со сребрени зраци од Претседателството на СФРЈ  а има добиено и две странски одликувања.

Покрај неговиот придонес во културата и развојот на најголемата музичко-сценска манифестација кај нас, Баткоски бил активен и во целокупниот општествено-политички живот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.