Со огромно жалење ја споделуваме веста за заминувањето на големата Катина Иванова, соопшти нејзината матична куќа Македонскиот народен театар.
Замина нашата колешка Катина Иванова, актерка која повеќе од четири децении беше дел од Македонскиот народен театар. Беше мајстор на сценска интерпретација, со истакнат сценски говор, и посебно специфичен и топол сензибилитет. Катина Иванова беше насмеана и префинета личност, постојан следач на претставите, поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек, стои во дописот од МНТ:
Дипломира на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитира уште како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976). По дипломирањето, односно од 1979 г., член е на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во над 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986), Мајката на младоженецот во „Малограѓанска свадба“ (1986), Соња во „Црна дупка“ (1988), Арсиное во „Мизантроп“ (1989), Тамарочка во „Валпургиска ноќ или Чекорите на командорот“ (1990), Клер во „Слугинки“ (1993), Ирина во „Лепа Ангелина“ (1995), Гатачката во „Едмонд“ (1997), Катерина Када во „Немушт јазик“ (2000), Македонка во „Балканот не е мртов“ (2001), Госпоѓа Робинсон во „Дипломец“ (2004), Пациент во „Мара/Сад“ (2008), Сопругата во монодрамата „Сребрена свадба“ (2010), Варвара Петровна Ставрогина во „Бесови“ (2011), Ноќта во „Сината птица“ (2014), Прасковја Фјодоровна во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), како и последните улоги во „Разговори во четири очи“ (2015), Сесили Робсон во „Квартет“ (2016) и Госпоѓа Пернел во „Тартиф“ (2016). Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи. Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009). За своите актерски остварувања, добитник е на Награда за најдобро театарско остварување на Фестивалот „Tеатарски празници“ (Благоевград, Бугарија) за улогата на Мег во претставата „Роденден“ и Наградата на ревијата „Екран“ за улогата на Ревзија во филмот „Џипси меџик“ (1997).
За времето и датумот на погребот дополнително ќе биде објавено.
Вечна и слава!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.