Библиотеката „13 Ноември“, клон на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, после 11 години продолжува да работи во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Библиотеката се реотвора со книжен фонд од околу 8.000 книги: лектирни изданија, книги и сликовници за деца, белетристика и научна литература.
Градската библиотека годинава го слави својот 79.роденден и повеќе од кога и да е веруваме дека книгата не е привилегија, туку право на секој човек. Среќни сме што библиотеката се враќа на своето место во центарот на Општината. Се надеваме дека ќе се вратат и некогашните читатели, а ќе стекнеме и нови. За нив нудиме светски и домашни класици, голем избор популарни наслови и автори. Во моментов работиме на откуп на нови наслови (домашна и преводна литература), кои ќе се најдат токму на овие полици. Сакам да упатам огромна благодарност до Општина Кисела Вода и градоначалникот Ѓорѓиевски, кој за многу краток рок одговори на нашето барање што резултираше со повторното отворање на оваа библиотека. Се надевам дека неговиот пример ќе го следат и останатите општини – подвлече Снежана Стојчевска директорката на Ју Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
Обработката и заемот на книги се врши преку Кооперативниот онлајн библиографски систем и сервис (COBISS), а библиотеката ќе понуди и разновидни културни содржини.
Првата, почесна членска книшка му припадна на градоначалникот Ѓорѓиевски, кој го истакна значаењето на библиотеката за сите вљубеници во пишаниот збор, но и нејзиното место во културното живеење на сите граѓани:
Посебно сакам да нагласам дека на располагање има и многу литература за деца, бидејќи сме свесни дека љубовта кон читањето треба да се всади уште од најраните години. Дополнително, овој простор ќе биде искористен и за друга културна програма-креативни работилници, литературни читања, промоции на книги, средби со автори, со што очекувам дека библиотеката ќе биде честа дестинација на сите наши жители“ истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Првите посетители на библиотеката „13 Ноември“ беа првачињата од ООУ „Круме Кепески“, а по нив и неколкумина повозрасни жители, кои не го криеја задовослтвото дека библиотеката е повторно близу до нив.
Обновата на библиотеката во Кисела Вода е продолжување на библиотечната дејност на територијата на општината, односно на традицијата долга повеќе од 50 години. Подружницата „13 Ноември“ била отворена во 1961 година токму во тогашниот Дом на културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.