Дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, денеска ќе бидат претставени во Националната галерија во Прага. Изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”, првично беше прикажана минатата година во Кунстхале, Виена.

Во изменета верзија, изложбата е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од Националната галерија – Прага, која му донираше на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.

Од вкупната уметничка колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, од МСУ информираат дека во Виена биле изложени 94 дела, како и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на МСУ.

Колекцијата на МСУ – Скопје е толку безвремена и актуелна, фокусирана на темата за солидарноста, за која веруваме дека треба да заживее и денес. Поставката носи нова перспектива за историјата на повоената модерна уметност и ќе бидат изложени дела од значајни западни уметници кои вообичаено не можеме да ги видиме во Чешка, како, Дејвид Хокни и Ники де Сент Фал, а во исто време публиката ќе има прилика да погледне дела од „незападните“ уметници како Марија Бономи и Вифредо Лам. Паралелно, изложбата е проширена и вклучува уметнички дела од чехословачки уметници, кои не беа изложени на претходната изложба во Виена, вели кураторот Радослав Исток од Националната галерија во Прага.

Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ана Ева Бергман, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честимир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и многу други.

Поканети се и студенти по скулптура од Академијата за ликовни уметности во Прага, кои преку интерактивно студио ќе создадат дела, кои се испреплетуваат со историските настани на Скопје и денешните природни и воени катастрофи, кои честопати се искривуваат во медиумите, наведува МСУ во најавата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.